понеделник, 26. октомври 2020. Вести денес: 151
home Вести

Иванов: Останувам на ставот дека не го потпишувам указот за Законот за употреба на јазиците

Иванов: Останувам на ставот дека не го потпишувам указот за Законот за употреба на јазиците

– Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов останува на веќе изнесениот став за Законот за употреба на јазиците и за потпишувањето на указот за негово прогласување, потврдија за МИА од кабинетот на шефот на државата.

Иванов по повторното изгласување на законот на 14 март во обраќање до јавноста кажа дека нема да стави потпис за прогласување на повторно изгласаниот закон, бидејќи тоа не му го дозволуваат совеста и Уставот.

Претседателот на Собранието Талат Џафери синоќа повторно го повика Иванов да го потпише законот. Џафери смета дека претседателот на државата има уставна одговорност да го потпише законот, кој со мнозинство е донесен од пратениците во второ читање. На прашањето дали ќе се побара импичмент за претседателот доколку постапува спротивно на Уставот, одговори дека во сегашните околности тоа не може да се спроведе бидејќи го нема двотретинското мнозинство  во Собранието потребно за таа процедура. Според Џафери, со законот за јазиците се заокружува правната рамка на Охридскиот рамковен договор, Македонците не губат ништо, а не губи ниту државата во смисла на нејзиниот унитарен карактер.

Претходно и премиерот Зоран Заев кажа дека Иванов треба да стави потпис и да овозможи законот да заживее, а за него да се изјаснат Уставниот суд и Венецијанската комисија. Одбивањето на претседателот Иванов да го потпише указот, Заев смета дека претставува „флагрантно кршење на Уставот и кукавичлук“.

Иванов обраќајќи им се на граѓаните на 14-ти март нагласи дека е преминат предвидениот рок од 30 дена за отворање на собраниската дебата, заобиколена е расправата по пратеничките амандмани на опозицијата, игнорирани се советите од Европската Унија, повреден е Уставот на Република Македонија и деловникот за работа на Собранието.

-И по својата репресивна содржина, и по насилниот начин на кој е донесен, овој закон не е израз на демократијата. Овој закон е израз на тиранијата на парламентарното мнозинство врз мнозинството граѓани на Република Македонија. Мнозинството граѓани никогаш не гласале ниту некогаш би гласале за политичка програма во која е предвиден ваков противуставен, анти-државен и суштински неправеден закон. А неправедниот закон и не заслужува да се нарече закон. Како Претседател на Република Македонија јас ова нема да го дозволам. Затоа, нема да потпишам Указ за прогласување на закон кој е донесен на ваков начин. Закон со кој се злоупотреби европското знаме, закон за кој не се водеше дебата по амандманите кои произлегоа од моите укажувања, закон кој се изгласа вон сите процедури, закон кој е противуставен и закон кој ги крши дадените гаранции. Уставот и совеста не ми дозволуваат да ставам потпис на Указ за прогласување на ваков закон, дециден е претседателот Иванов.

Коронавирус