понеделник, 30. ноември 2020. Вести денес: 148
Во живо

Обраќање на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на нацијата

home Вести

Иванов на Универзитетот „Улудаг“: Македонскиот модел на интеграција без асимилација е модел на иднината

Иванов на Универзитетот „Улудаг“: Македонскиот модел на интеграција без асимилација е модел на иднината

Македонскиот модел на интеграција без асимилација е модел на иднинатa, бидејќи во својата основа подразбира почитување на различноста,  истакна претседателот Иванов во своето предавање на  Универзитетот „Улудаг“ во Бурса.

„Ние секојдневно го надградуваме и го усовршуваме овој наш заеднички модел кој подразбира уживање на правата, но и почитување и споделување на обврските и одговорностите кои произлегуваат од уставниот поредок“, подвлече претседателот Иванов, потенцирајќи дека ваквиот модел, Македонија не сака себично да го чува за себе туку да го споделува со светот, што според него, е особено важно денес.

„Македонскиот модел на соживот создавал луѓе со отворен ум кои ја прифаќаат и ја почитуваат различноста. Луѓе како Мајка Тереза, која е родена во 1910 година во Скопје, во Македонија. Во радиус, не повеќе од 100 метри од нејзината родна куќа, имало католичка црква, православна црква, еврејска синагога и муслиманска џамија. Мајка Тереза, стана синоним за човек кој го живее единството во различноста“, рече претседателот Иванов во своето предавање на  Универзитетот „Улудаг“ во Бурса.

Соживотот, нагласи македонскиот претседател, бил присутен и во борбата на македонскиот народ за слобода и независност. Сите апели, повици, манифести и декларации ја нагласуваат почитта кон различноста. Според претседателот Иванов, Република Македонија го има вградено и го има унапредено ова искуство во својот инклузивен демократски модел на интеграција без асимилација.

Република Македонија, истакна претседателот Иванов, е посветена на меѓукултурниот и меѓурелигискиот дијалог. „Во 2003 година го иницираме првиот Форум на дијалогот меѓу цивилизациите и сме активни учесници во Алијансата на цивилизациите на Обединетите нации што беше формирана во 2005 година на иницијатива на владите на Шпанија и на Турција. Својата посветеност Македонија дополнително ја потврди како домаќин на четирите светски конференции за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог“, рече македонскиот претседател.

Според него,  за некои држави на Балканот, во Европа, македонскиот демократски модел на соживот сè уште претставува предизвик. Но, едно е јасно, рече претседателот Иванов, нашиот модел втемелен врз позитивните искуства од минатото, е воедно и модел на иднината. „Ако во минатото сме можеле да живееме и да напредуваме заедно, можеме и мораме да се обидеме тоа да го постигнеме и во иднината. Разликата во отворениот и затворениот простор е во комуникацијата и интеграцијата. Честопати велам дека оној што комуницира, тој се интегрира, а оној што не комуницира, се гетоизира и измислува непријатели“, нагласи македонскиот претседател во своето предавање на  Универзитетот „Улудаг“ во Бурса.

Коронавирус