сабота, 1. октомври 2022. Вести денес: 0
home Вести

Иванов ги прими акредитивите од словачкиот амбасадор Маркуш

Иванов ги прими акредитивите од словачкиот амбасадор Маркуш

Претседателот Ѓорге Иванов денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Словачката Република во Република Македонија, Хенрик Маркуш.

На средбата со словачкиот амбасадор Маркуш, претседателот Иванов изразил задоволство од успешниот развој на билатералните односи меѓу Република Македонија и Словачката Република кој, како што соопшти Кабинетот на претседателот, се одразува со соработката во многу области од заемен интерес, а се заснова на меѓусебно пријателство и почит.

Претседателот Иванов го истакнал, големото значење на досегашната поддршка од Словачката Република која и преку форматот Вишеградска група дава конкретна помош и поддршка за европската и евроатлантската перспектива на Република Македонија изразувајќи длабоко уверување дека истата ќе продолжи и во наредниот период.

– Република Македонија заслужува да ги отпочне преговорите за пристапување во Европската унија и да ја добие поканата за членство во НАТО без натамошно одложување. Подготвени сме да придонесеме во изградбата на нашата заедничка иднина во Европа, ширејќи ја нашата визија за отворен пристап кон европските партнери, заснован на определбата за пријателство, конструктивна соработка, меѓусебно почитување и искрен приод во односите, посочил Иванов.

Амбасадорот Маркуш, истакнал дека двете земји уште од времето на Св. Кирил и Методи ги врзуваат духовни и културни врски кои се солидна основа за нивно понатамошно развивање. Тој ги истакна истите стратешки цели во поглед на надворешната политика на двете земји – европската и евроатлантската интеграција и порача дека Словачка ќе даде се од себе да ѝ помогне на Македонија да го постигне заслужениот напредок во блиска иднина.

Претседателот Иванов на новоименуваниот амбасадор му честитал за функцијата и му посакал успех во вршењето на одговорната дипломатска должност.

Коронавирус