недела, 27. септември 2020. Вести денес: 38
Во живо

ВО ЖИВО: Прес-конференција на Христијан Мицкоски

home Вести

Иванов до пратениците: Послушајте го гласот на народот и отфрлете ги амандманите за промена на Уставот

Иванов до пратениците: Послушајте го гласот на народот и отфрлете ги амандманите за промена на Уставот

Се надевам дека ова парламентарно мнозинство ќе смогне сила и ќе го послуша гласот на народот и ќе ја отфрли преспанската спогодба и амандманите за промена на Уставот, рече претседателот Иванов од говорницата во македонското собрание.

Тој, оваа порака до мнозинството ја упати цитирајќи го првиот претседател Киро Глигоров, кој кажал дека прашањето за името и идентитетот е постаро од секој Устав, од секоја Влада, од секоја партија, па дури и од државата, и дека ниту еден поединец, од ниту една генерација, нема право да тргува со тоа има и со тој идентитет.

Во тој контекст, Иванов додаде дека 27 години независност на Република Македонија се само миг во долгата историја на човештвото и човековиот стремеж кон слобода и поредок.

„Нашата цел треба да биде многу потрајна. Да ја градиме Република Македонија како држава што ќе трае и ќе не надживее и нас, и нашите деца, и нивните деца“, рече шефот на државата.

Говорејќи за иднината на Република Македонија, Ѓорге Иванов истакна дека треба да се ослободиме од омразата и реваншизмот, и да се свртиме кон помирувањето, но како што рече она автентичното без задни намери, без скриени агенди, а до кое се стигнува преку вистината и одговорноста.

„Преку вистината и одговорноста што води до помирување, ќе имаме праведно општество во кое меѓусебното почитување одново ќе биде наша врвна вредност. Во кое власта и опозицијата наместо како заколнати непријатели ќе се доживуваат како достојни противници и партнери за доброто на граѓаните што ги избрале.  Држава во која ќе имаме култура на почитување на Уставот и законите. Општество во кое младите ќе имаат реална надеж за исполнет живот и перспектива. Држава во која луѓето ќе имаат правна сигурност и слобода да го планираат својот живот. Држава во која децата ќе живеат во чиста и здрава животна средина. Стопанствениците ќе имаат отворени пазари и фер конкуренција. Студентите ќе се натпреваруваат со идеи, а иноваторите со изуми. Пензионери кои ќе имаат пристојни пензии за достоинствена старост. Доктори, наставници, воспитувачи чии плати ќе соодветствуваат со огромната одговорност што ја имаат – а тоа е да се грижат за здравјето на телото и на духот на секој еден од нас“, рече Иванов.

„Народот не само што го одбра, туку и го одбрани името на својата држава, а тоа име е Република Македонија. А јас како нејзин Претседател останувам да ја бранам волјата на народот и од тоа не мислам да отстапам“, рече претседателот Иванов.

 

Коронавирус