четврток, 15. април 2021. Вести денес: 66
home Вести

Интервју со Христина Ѓорѓиевска добитничка на наградата за истражувачко новинарство: Сите заедно да се насочиме во подобрувањето на животната средина

Интервју со Христина Ѓорѓиевска добитничка на наградата за истражувачко новинарство: Сите заедно да се насочиме во подобрувањето на животната средина
ФОТО: Синиша Илијески

Разговараме со Христина Ѓорѓиевска која неодамна ја доби престижната награда на ЗНМ (Здружението на новинари во Македонија) „Јашар Еребара“, за годишно истражувачко новинарство, за сторијата „Заробените бели дробови на градот“ објавена на дигиталната платформа „Види Вака“.

Честитки за Вашата награда. Која беше инспирацијата за оваа сторија?

– Ви благодарам многу за честитките и за отстапениот простор во вашиот медиум. Инспирацијата за темата поврзана со истражувањето „Заробените бели дробови на градот“, потекна уште пред три години, кога професорот од Шумарскиот факултет, Кирил Сотировски, ни укажа за овој голем еколошки проблем. Тогаш започнав да ги забележувам секојдневно „задавените“ дрвја во околината во која се движев. Тие се постојано околу нас, но, никогаш претходно не сум обврнувала внимание на нив, што им се случува од цврстиот материјал и колку тоа влијае на целата животна средина. По објавата на прилогот во Види Вака, веднаш имаше реакции во јавноста. Град Скопје заедно со Шумарскиот факултет и професорот Сотировски, потпишаа Меморандум за ослободување на заробените дрвја на територија на Скопје. Минатата година сакав да видам до каде е ситуацијата со ослободувањето. Кога ја отворив мапата на професорот Сотировски каде беа лоцирани голем дел од дрвјата во Скопје, воочив дека бројките се дуплирани од 2018 година. Тогаш направив една обиколка низ градот и видов дека и на новозасадените дрвја не се обврнувало внимание и дека и нив ги чека истата судбина. Така решивме во Види Вака да ја продолжиме приказната во едно мултимедијално истражување.

Зошто конкуриравте со еколошка тема, кога најчесто предмет на истражувачкото новинарство се политички теми и корупциски скандали?

– Најчесто е така, кога ќе се спомене истражувачко новинарство, прво сите мислат дека темата е за политика или е поврзана за некакви корупциски скандали. Но, истражувачкото новинарство значи да се укажува на некој проблем од поширок јавен интерес. „Задавените“ дрвја се заробени од човечки фактор, оваа еколошка катастрофа не ја засега само Македонија, туку ова е глобален проблем, кој ги засега сите луѓе. Баш од таа причина се решив за оваа тема. Особено ми е драго, што жири-комисијата оваа година се одлучи да додели награди за вакви еколошки теми. Освен мојата истражувачка приказна „Заробените бели дробови на градот“, награда добија и колегите од Радио МОФ, за приказните „По трагите на Лиса и Филипче, балканските рисови кои обединија три држави” и „Недопирливите убијци на балканскиот рис”. Ова е доказ дека истражувачкото новинарство подразбира и теми коишто ја подигнуваат еколошката свест и потребата да се влијае преку медиумскиот простор кај надлежните институции и граѓаните, за сите заедно да се насочиме во подобрувањето на животната средина.

Колкав временски период Ви беше потребен да ја изработите сторијата, од идеја, преку концепт, до реализација?

– Приказната со заробените дрвја како што кажав на почетокот, во Види Вака започнавме да ја следиме од 2018 година. Тогаш го снимавме професорот од Шумарскиот факултет, Кирил Сотировски. Бидејќи надлежните рекоа дека ќе ги ослободат дрвјата, мораше да оставиме простор и да видиме колку тоа ќе вроди со плод. За жал, после две години, многу малку дрвја беа ослободени на територија на Скопје. Па така започнав со подготовка на истражувачката приказна која траеше неколку месеци. Со интервјуирање на луѓе, испраќање на многу имејлови до институции, па сè до одење со колегите на терен за да ги лоцираме дрвјата, да ги фотографираме и снимиме.

Дали мислите дека полека се подигнува јавната свест на граѓаните дека екологијата е еден од клучните фактори за квалитетот на животот и е неминовен дел од секојдневието?

ФОТО: Крсте Шупев

– Последниве години, Македонија е на врвот на листата меѓу најзагадените земји, сите тоа го чувствуваме и го знаеме. Од друга страна, предвидувањата за тоа што ќе се случува во државава во иднина, исто така, не се во корист на човештвото. Зголемување на температурите, пад во врнежите, почести шумски пожари и така натаму, се лошите сценарија од иднината, кои не смееме да дозволиме да се остварат. Само со будење и подигнување на јавната свест, може да влијаеме во квалитетот на живеењето. Токму со истражувањето за заробените дрвја ја почувствував потребата на граѓаните за здрава животна средина. Како што знаете, во другите градови низ Македонија, ситуацијата со „задавените“ дрвја не е ништо поразлична од главниот град. Од таа причина, после објавувањето на истражувањето ја поканивме нашата публика да ни испрати фотографии од заробени дрвја. На имејл и на социјалните мрежи добивме неколку стотици фотографии од заробени дрвја на територија на цела држава, но и регионално, од соседните земји. Тогаш сфатив дека голем дел од граѓаните се свесни за овие еколошки проблеми и дека сакаат промени.

Вашата сторија направи голем импакт како кај публиката така и помеѓу институциите кои се засегнати. Очекувате ли подобрување во начинот на работа и поголема заштита на животната средина?

– Длабоко се надевам дека надлежните ќе се освестат и ќе посветат целосно внимание за заштитата на животната средина. Дека ќе престанеме да сме сведоци на неконтролирано сечење на дрвја и дека ќе се внимава околу засадувањето на новите стебла. Бидејќи, само така ќе имаме подобрување во животната средина и секако врз животот на граѓаните.

Вие работите во медиум кој поставува нови стандарди во македонскиот медиумски простор преку, слободно би го нарекол, нов начин на интеракција со читателите. Каков предизвик Ви претставува ваквиот начин на работа?

– Во Види Вака работам од самиот почеток, скоро пет години. Голем предизвик е како новинар да се работи во медиум, како што рековте, кој поставува нови стандарди. Особено предизвик е да работиш на проекти од кои се надоградуваш и како новинар ја имаш целосната слобода да создаваш и твориш продукти, кои и значат на публиката. Опфаќаме теми за кои многу малку се зборува во медиумскиот простор, теми кои се заборавени и за кои не се посветува доволно внимание, тоа е убавината, а од друга страна е и предизвик постојано да „копаш“ по нешто ново. Нас секогаш приоритет ни се луѓето и нивната приказна. Особено ми значи тоа што микрофонот секогаш им го даваме на безгласните и невидливите во општеството, кои за жал се многу гласни, но, ретко кој ги слуша и им дава доволно простор. Друга многу позитивна и значајна работа се колегите од тимот, кои се пред сè големи професионалци и сите заедно веруваме во приказната наречена Види Вака. Јас, заедно со Синиша, Крсте, Горјан, Марија, Сунаи, Мите, Горан, Јасмина, Дарјан, Деспина и Мартин, сме малиот тим кој стои зад големата слика во медиумскиот простор, наречена Види Вака.

Нови идеи, концепти, стории…

– Идеи има многу, се надевам дека ќе успеам следниов период да реализирам барем дел од нив. За жал, ситуацијата со коронавирусот нè измести сите од нашите секојдневни нешта. Во моментов работам на приказни кои ги засегаат оние најранливи групи на граѓани, кои се соочуваат со многу проблеми и предизвици во оваа светска пандемија. Сметам дека на нив во моментов им е најпотребна поддршката и тоа да им се отстапи простор во медиумскиот свет. А со Види Вака, ќе продолжиме и во иднина да создаваме приказни што вредат, онака како што е и нашето мото.

Коронавирус