понеделник, 19. октомври 2020. Вести денес: 109
home Вести

Интервју со Ердоган Сарач: Турците во Македонија се борат за опстанок, Заев ги нарушува пријателските односи меѓу двете земји

Интервју со Ердоган Сарач: Турците во Македонија се борат за опстанок, Заев ги нарушува пријателските односи меѓу двете земји

Лидерот на Движењето за национално единство на Турците, Ердоган Сарач, актуелната политичка состојба во Македонија ја оценува како многу лоша. Вели дека од доаѓањето на Зоран Заев на власт, Турците во Македонија се обесправени и живеат во лоши услови.

Сарач во интервју за КУРИР со сериозни критики кон политиките кои ги води власта во Македонија.

Како ја оценувате актуелната политичка состојба во Македонија?

-Со еден збор ако се одговори ќе гласи: многу лошо.

Имено, повеќе од јасно е дека земјата е во длабока криза во сите сегменти од општеството, а актуелната поданичка структура нема визија за излез од оваа состојба. Поради нивното нестручно,лошо менаџирање пандемијата ковид -19 секој изминат ден зема се поголеми размери, а министерот без чувство на срам секој ден нè лаже дека состојбата е под контрола. Само да се сетиме на неговите изјави дека првиот бран ќе помине со 2000 заразени, а потоа многу храбро, охрабрен од развојот на настаните се охрабри велејки дека заразени ќе има меѓу 16оо-1700. Денеска во земјата имаме над 17.000 заразени со највисока стапка на смртност во регионот по 1.000.000 жители што изнесува нешто повеке од 700 починати.

За ваквата состојба директен креатор е власта. Поради изборен поткуп со ваучери од 3,6 и 9 илјади денари направи хаос пред банките, каде што буквално никој не се придржуваше на заштитните мерки: носење на маски, соодветно растојание и недоволна заштита на останатите граѓани. На овој начин, власта директно го загрози здравјето на граѓаните и придонесе да короната зема неконтролирани размери. Пред банките немаше никаква контрола ниту од банките ниту од властите. На тој начин околу 300000 граѓани се подложија на опасност од оваа зараза и секако дека многумина се заразија на овој начин. Посебна приказна за негрижа е и односот спрема починатите од вирусот чии фамилии плаќаа и по 45.000 денари за ковчег. Јавна пљачка. Од друга страна, иако има големи заблуди во начинот на превенирањето на кризата,  особена во третманот на лекување на заболените од оваа пандемија досега комисијата не излезе со стручна анализа поради што е зголемена  смртноста во Македонија за разлика од другите земји во регионот.

Поради пандемијата сериозно се нарушени сите параметри во економијата. За овој период имаме околу 40.000 граѓани кои изгубиле работното место со тенденција оваа бројка да расте и понатаму. Земјата е задолжена како никогаш до сега, но капитални инвестиции немаме. Немаме ниту најава за нови инвестиции. Со поскапувањето на струјата за домаќинство сериозно е нарушена стандардот на граѓаните. Поради лошите економски политики секој ден населението се сиромашува но мал број на граѓани  се збогатува. Јазот помеѓу сиромашните и богатите секој ден е се поголем. Мора да се заложиме за средна класа која треба да биде столб на општеството. Засега таква политика не може да гледаме.

Образованието ни е посебна приказна. Се пролонгирање  на почетокот на учебната година исклучиво поради некомпетентноста и нестручноста на власта не направи ниту еден чекор за да не дојдеме во оваа состојба. Замислете како ќе биде од кога ќе почне школската година, со какви проблеми ќе се соочиме. Замислете, официјално властите признаа дека 40,000 ученици не се во можност да следат он-лајн настава. Исклучиво поради негрижата на властите спрема овие граѓани. Со сигурност можам да тврдам дека тука најголемиот број припаѓа на Турците, кои за жал немаат елементарни услови за живеење, а не за образование.

Во каква положба се Турците кои живеат во оваа држава?

-Средините со претежно турско население уште немаат вода, немаат патишта, немаат струја. Тие се борат за опстанок и како ќе преживеат само тие знаат. Замислете 21 век зборуваме за земја кандидат за полноправно членство на ЕУ, а немаме елементарни стандарди за живот на населението. Никаква инфраструктура. Иако има гарантирано со Устав образование на мајчин турски јазик, тоа не се почитува и за жал Турците во многу градови и села се приморани да учат на друг јазик. На пример село Корешник општина Демир Капија, Дурфулија општина Лозово, Велес, Штип, Кочани, Битола, село Црник-Пехчево, Урвич и Јеловјане општина Камењане итн.

Исто така, нема образование на турските деца од 6-9 одделение во селата Прналија, Радања, Кучица, Оџали и Калаузлија општина Карбинци, Чалакли општина Валандово, Конче, Банско, Висока Маала-општина Василево, општина Струмица итн.

Еве 4 година властите не одвојуваат ниту еден денар за новиот Театар на Турците која остана како карајапија во Скопје. Има и многу други работи кои директно се врзани за стандардот на Турците во земјата и нивната застапеност, согласно уставното начело за правична застапеност. Спрема извештајот на Омбусманот на Македонија, Турците не се застапени во јавните и државните институции најмалку во 750. Оттука оваа уставно начело не оди во наш прилог, на пример ние Турците немаме раководни кадри во многу министерства особено во МВР. Поради просторот што ни е даден не сакам да набројувам и други факти за Турците од земјата.

На високите функции во Македонија, не се најде ниту едно име од вашата националност. Зошто е тоа така?

-За жал, по доаѓањето на власт на Зоран Заев, Турците полека, но сигурно губат значајни позиции во земјата. Кај претседателот на државата имавме еден член на Советот за безбедност. Претседателот Стево Пендароски не укажа доверба на член од Турците во земјата, а се ослободи од член на Турците во оваа тело.

Заев согласно со договорите за сосотав на влада исклучиво раководејки се за да спаси себеси отсатапи се на својот партнер на штета на Турците, Србите, Ромите, Бошнјаците и Власите. Но за нас важно е дека  укина министерско место на Турците, а предложи 3 заменици на претседателот  на владата од своите редови, а можеше такво места да има и еден Турчин кој со сигурност тврдам дека меѓу нас има такви кадри на кои Заев, Битичи, Николовски можат вода да им носат.  Кадри кои имаат образование од најелитните турски универзитети. Но разчарувањето доаѓа од страна на партиите на Турците, во коалиција со СДСМ кои не покажаа капацитет и спремност да ги бранат националните интереси и очекувањата на Турците. Едните се однесуваат Соросоистички, а другите поданички бранејќи ги личните интереси, наместо да ги бранат  националните интереси на Турците во Македонија. Двајцата пратеници имаа историска шанса да ѓи наплатат сите долгови на СДСМ према Турците во Земјата. Но за жал тоа не се случи.

Инаку верувам дека во вториот  и третиот ешалон власта ќе се обиде да компензира тоа што може, но во никој случај не може да се заборави дека Заев сака бинационална држава со која ние воопшто не се согласуваме.

Република Македонија е наша заедничка татковина и држава и во никој случај не прифаќаме да сме граѓани од трет ред. Инаку често Заев изјавува „Македонците, Албанците и другите…„.  Е ние не сме други. Тоа многу бргу ќе почувствува.

Кои се најголемите проблеми со кои, според вас, се соочуваат сите граѓани на Република Македонија?

-Граѓаните на Македонија изгубија доверба во институциите на системот поради ракаводење од несоодветни кадри и оттука најголема потреба имаат од правда. Нели овие ќе донесоа правда. Земјата се тресе со најголеми скандали токму од раководните структури.

Македонија мора да биде правна држава и во неа да владее правдата. Несигурноста на граѓаните е на највисоко ниво и од тука недовербата спрема институциите на земјата е огромна. Нееднаквоста е доста присутно и со вакво владеење не може да стане збор за граѓанско општество.

Од тука треба сериозни луѓе за сериозни поправки во општеството. Имено потребно е темелно расчистување на неспособноста и одговорноста на носителите на јавните функции, немилосрдна борба со корупцијата и непотизмот и воспоставување на адмистрација од професионалци кои ќе бидат во служба на граѓаните, а не na нивните претпоставени. Сиромаштијата т.е социјалната држава да биде коректор на сите неправди спрема незаштитеното население.

Какви односи негуваат Македонија и Турција како држави?

Турција е првата земја што ја призна Република Македонија под нејзино Уставно име и прва земја која ги подигна дипломатските односи на ниво на амбасади, отварајки амбасада во Скопје. Турција е братска и најпријателска земја на Македонија што се потврдува со потпишување на огромен број на договори за соработка скоро во сите области и стратешко партнерство. Турција секогаш лобирала во меѓународните организации за Македонија и пружала помош како никоја друга земја во светот.Турција секогаш има потврдено пријателството со Македонија. За донации во сите области не сакам да зборувам особена проектите на ТИКА што ги има реализирано во Македија кои имаат вредност од стотина милиони евра.

За време на последната Влада на ВМРО-ДПМНЕ тие односи постигнаа највисоко ниво и имаше тенденција одличните пријателски односи да бидат соодветни и рефлектирани и врз економијата т,е. трговијата меѓу двете земји. За жал со доаѓањето на Власт на СДСМ на чело со Зоран Заев овие односи секој ден се нарушуваат од страна на Македонија на чело со Заев. Имено покрај барањата на Владата на Турција за  предавање на лицата за учество во обидот за пуч во Турција на 15-ти јули 2016 година, Република Македонија продолжува да биде Мека на лицата кои од страна на Турција се квалификувани како учесници во теророт во Турција или припадници на организацијата ФЕТО. Македонија направи голем гаф подржувајки материјално со пари од буџетот за подршка на дневниот весник „ЗАМАН„ орган на ФЕТО. Заев никогаш не одговори на непристојните изјави на Грчките политичари дека„Грција се приближува кон Македонија само поради блокирање на влијанието на Турција на Балканот„.

Навистина е неразбирливо и апсурдно да се потпише договор меѓу две држави, а да биде цел трета држава. Владата на Заев се приклучува на санкции спрема Турција во водите на Егејското море согласно резолуцијата на ЕУ, а не е членка на ЕУ. Овој однос е типично поданички и рефлектира солидарност во прв степен со Грција спроти Турција. Македонија наместо како членка на НАТО да побара помош од сите земји на НАТО за  сопствена авијација, таа преќутно одобри небото над Македонија да биде контролирано од воздушните воени сили на Грција. Замислете, до преспанскиот договор најголемиот непријател на Македонија и Македонците,чиј  територијален интегритет, идентитет и јазик го оспоуваше, сега го контролира небота над Македонија.

Позната е изјавата на Ципрас: „Зар ќе дозволивме небото да го контролира Бугарија или Турција“. Ете овие се големите грешки на Заев спрема Турција која и покрај се и понатаму продолжува со гаење на искрено пријателство со Макединија со која ние како партија не се согласуваме. Имено, ние од секогаш сме посакувале и сме допринесувале за подлабочување на овие односи на пријателство и соработка. Но под услови кога со вас некој друг диригира навистина е неприфатливо и го осудуваме оваа политика на Владата на СДСМ на чело со Заев. Но исто така сакам да ја потсетам јавноста во Македонија за сестраната помош на Турција на АРМ во оружје, опрема и обука.

Движењето за национално единство на Турците е во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ.  Каква е вашата соработка со раководството и телата на опозициската партија и какви политики водат тие во насока на зголемување на правата на малцинствата?

Нашата коалиција во прв ред се заснова врз определбата на двете страни за одлучноста за опстанок на Македија како заедничка држава и татковина и земја на сите лојални граѓани. Исто така од интерес на Турците во земјата е подлабочување на довербата и сожителство меѓу сите засегнати страни  и толеранција и разбирање за сите колективни и индивидуални права на граѓаните, без разлика на која вера, нација или политичка опција припаѓаат со почитување на Уставот и законите во Македонија. Ние имаме заедничка обврска да ја одбраниме и обновиме Република Македонија од овој режим кој ја доведе земјата на колена. Обезличи и дебело го понижи огромниот дел од граѓаните.

Инаку морам да истакнам дека ДНЕТ како коалционен партнер на ВМРО-ДПМНЕ досега многу конструктивно и сосема лојално ги изврши сите обврски што произлегуваат од коалицијата и во никој случај и под никакви услови не ги доведе овие односи во прашање. Максимално коректен однос и со раководството на партијата. Особено сакам да истакнам соработката со г-динот Христијан Мицковски, Александар Николоски и другите функционери. Драгоцено ми е исто така пријателството со многу пратеници од собраниското  здружување.

Инаку, искрено морам да признаам дека соработката со некои комитети во одредени градови не беше на соодветно ниво и сега гледам дека таму се извршени со право корекции и се надевам дека во иднина нема да биде повторувано. ВМРО-ДПМНЕ има огромна задача во одбрана на државните и националните интереси на државата и нормално е понекогаш акцентот да се стави на примарните задачи кои треба да се решат. Досегашниот коректен однос треба да се рефлектира во сите слоеви за поддршка на Турците и другите заедници.

Како императив од Централниот Управен Одбор на партијата очекуваме да се најде разбирање и за пратеник во Собранието на РМ од заедничките листи. Сметаме дека досегашната соработка, поддршката за време на парламентарните избори во 2016 и 2020 година и сите други активности потврдуваат дека ние имаме резултати и согласно на тоа заслужуваме да имаме пратеник во Собранието од нашите редови.

На тој начин ќе се потврди исправната и долгорочната политика на најголемата сегашна опозиција за заштита на правата на другите национални заедници. Уверувам дека битката за Република Македонија на тој начин ќе стане далеку по уверлива и по достојна.

Коронавирус