недела, 31. мај 2020. Вести денес: 0
Актуелна тема

Од минута во минута за ситуацијата со коронавирусот во Македонија и светот

home Вести

ИНРЕКОМ: Манчевски наложува операторите да воведат медиумски мрак во ек на пандемија

ИНРЕКОМ: Манчевски наложува операторите да воведат медиумски мрак во ек на пандемија

Институтот за развој на електронски комуникации најостро реагира на дописот од страна на Министерството за информатичко општество и администрација, а воедно и целосно го осудува обидот за воведување на медиумски мрак.

Недозволиво е во ек на пандемија и препораки од домашните власти и светските организации да се остане дома, Министерот за информатичко општество да бара операторите да ги исклучат каналите што ги нудат бесплатно на своите корисници, нешто што е првенствено направено за добробит на граѓаните кои остануваат дома за време на изолацијата наметната од корона-вирусот.

Иронично, иако Министерството на почетокот од дописот ги поздравува добрите намери на операторите со кои им помагаат на граѓаните да останат дома, на крајот упатува индиректна закана до операторите во која се вели дека доколку ситуацијата остане иста односно не се исклучат каналите, Владата ќе донесе уредба (со законска сила н.з.) со цел да се промени праксата или во превод ќе ги примора операторите да ги исклучат каналите.

Скандалозните законски измени на Законот за АВМУ, донесени пред самораспуштање на Собранието, ги предизвикаа сите оператори да упатат протест преку најава за исклучување на сите канали освен МРТ, по што следуваа преговори со Владата. За штетните одредби од овој Закон и далекусежните последици од истиот, ИНРЕКОМ предупреди пред самораспуштање на македонското Собрание ги повика народните избраници да не ги донесуваат законските измени со кои се воведоа правила кои не беа применливи во пракса. Повеќе за коментарот, на следниот линк.

Од дописот на МИОА, се наметнува прашањето, дали Владата злоупотребувајќи ја вонредната состојба која им дава надлежност за донесување на одлуки со Законска сила, сега покажува мускули кон операторите кои претходно легитимно протестно се заканија со исклучување на сите канали? Дали Владата свесно или несвесно работи на штета на граѓаните како крајни корисници кои треба да останат дома во време кога царува пандемијата на КоВид-19?!

Институтот бара Владата и Министерството да покажат рацио и да не преземаат чекори кон донесување на уредби со што операторите би биле приморани да ги исклучат каналите. Ваквата одлука не е ништо повеќе од начин за пресметка со операторите, а индиректно и нивните корисници. Нешто што е невидена пракса во светот во вонредни околности.

ИНРЕКОМ упатува препорака до самите оператори, постапките кои ќе ги повлечат да бидат во интерес на нивните корисници, да продолжат со збогатување на промотивните периоди со што корисниците би можеле да уживаат во бесплатните канали кои им се понудени, со цел да останат дома, во духот на кампањата #СедиСиДома. Дополнителен апел од страна на ИНРЕКОМ до самите оператори е да го пролонгираат исклучувањето на услугите во случај на неплатени обврски и побарувања кон претплатниците.

За крај, го потсетуваме Министерството за информатичко општество, дека македонските медиуми веќе добија одредени олеснувања и финансиски средства од страна на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, а повторното актуализирање на фамата околу наводните нерегулирани авторски и сродни права да биде оставена за некои помирни времиња после прогласената кризна состојба.

ИНРЕКОМ уште еднаш потенцира дека законските измени не се применливи во пракса и истите треба повторно да претрпат измени низ дијалог со сите засегнати страни, но пред сè и низ примери во другите европски земји, бидејќи сегашното законско решение го нема во ниту една земја членка на ЕУ, семејство кон кое се стремиме. Финално, разочаруваат приоритетите кои МИОА ги реализира во ек на пандемија, наместо нивниот креативен фокус да биде ставен во насока на подобрување на брзината и достапноста на услугите кои тие ги нудат на граѓаните, но и создавање на подобри услови за работа на сите субјекти чие работење зависи од нивната регулатива.

Интегрален текст од објавата на ИНРЕКОМ 

Коронавирус