недела, 19. јануари 2020. Вести денес: 80
home Вести

ИН МЕМОРИАМ: Почина Крсте Богоески

ИН МЕМОРИАМ: Почина Крсте Богоески

Денеска (сабота, 7 декември 2019) по кратко боледување почина д-р Крсте Богоески, редовен професор (во пензија) на Институтот за етнологија и антропологија при ПМФ на УКИМ од Скопје.
Тој беше основач и прв претседател на МНК ИКОМ, а исто така и основач и прв претседател на Македонскиот национален комитет на Синиот штит. До последниот ден беше активино вклучен во работата и на двете меѓународни организации и со неговата смрт македонската музеологија изгуби многу.

Посмртните останки на проф. д-р Крсте Богоески ќе бидат изложени утре (недела, 8 декември) во капелата на градските гробишта во Бутел, а потоа ќе се одржи погребот.

Роден на 2 ноември 1943 г. во с. Турје, Охрид. Основно образование завршил во 1958 г. во с. Врбјани, Охридско, а средно во 1962 г. во Битола. Завршил Филозофски факултет, Група за историја, во 1968 г.

Бил стипендист на Владата на Франција за самостојно истражување во UNESCO – ICOM – Документациониот центар и следел постдипломски курс по современа музеологија на Универзитетот Сорбона IV во Париз (1977-1978), под водство на Georges Henri Rivièr. На 16.11.1978 г., на Загрепскиот универзитет ја одбранил темата: “Muzejska mreža u Makedoniji”и се стекнал со научниот степен магистер по музеологија. На 10.11.1992 г., на Загрепскиот универзитет ја одбранил тезата: “Model muzeološke obrade povijesnog razdoblja – na primjeru muzeološke interpretacije agrarnih odnosa u Skop­skoj kazi od 1839. do 1912. godine”и го стекнал научниот степен доктор на музеологија од областа на информативните науки. Од 1995 г. работи на Природно-математичкиот факултет во Скопје, во Институтот за географија при Заводот за етнологија (од октомври 2005 – Институт за етнологија и антропологија), кога бил избран во звањето доцент.

Во 1999 г. бил избран за вонреден професор, а во 2004 г. за редовен професор. Бил продекан за финансиски и материјални прашања на Природно-математичкиот факултет во Скопје.

Од 1962 до 1964 г., држел настава по историја во основното училиште “Елисие Попоски – Марко” во с. Врбјани, Охридско. Од 1.12.1968 до 1995 г. работел во Музејот на град Скопје како кустос – историчар и музејски советник. Во изминатиов период, на студиите по етнологија држи настава по предметите: општа историја со историја на балканските народи, историја на македонскиот народ и етномузеологија. На постдипломските студии по етнологија на Македонците на ИЕА го предава предметот применета музеологија.

Во 2003 г., на постдипломските студии по национална историја на Институтот за национална историја држел циклус предавања по методологија на музеолошката обработка на историски период. Основна преокупација му била музеолошката обработка на одделни тематски подрачја, особено методолошкиот пристап. Во практиката вршел прибирање, класификација, систематизација, заштита и презентативна комуникација на носителите на информации (музејските предмети). Исто така, посебно се ангажира во градењето стандарди за музејска документација. Има објавено над 50 трудови, од кои 7 надвор од Македонија.

Поголемиот дел се поврзани со теоретските и со практичните аспекти на музеологијата како посебна наука од доменот на информативните науки, со посебен предмет и методи на дејствување. Другиот дел е поврзан со одделни аспекти на историјата на македонскиот народ, како и со етнологијата на Македонија.

Значајни се трудовите:
К. Богоески,Селекција на музеалиите на определен историски период. Зборник Историја2, 7-12, (1999);
Мухаџирите во Скопскиот санџак по 1877 година. Историја 1-4, 15-26, (1999);
К. Богоески, Модел на музеолошка обработка на историски период според примерот на музеолошката интерпртација на аграрните односи во Скопската каза од 1839 до 1912 г., Скопје, 1999;
K. Bogoeski, Presentational communication – Real or Virtual. ICOFOM STUDY SERIES – ISS 33b, München, p. 32-34, (2002);
К. Богоески, Етнологијата на Македонија и музеологијата – односи низ постојаната изложба. Етнолог 10, 163-179, (2004).

Вкупниот број усно презентирани трудови на научни манифестации е 25, од кои 7 надвор од Македонија. Има објавено интерни скрипти по општа историја и историја на балканските народи и по етномузеологија. Бил главен и одговорен уредник на: Museologica Macedonica, списание на Македонскиот национален комитет на Меѓународниот совет на музеите (1995-2001); и Етнолог, списание на Македонското етнолошко друштво (2002-2004).

Учествувал во реализацијата на 7 научноистражувачки проекти, од кои еден меѓународен, како истражувач, и на 6 домашни како раководител и прв истражувач. Покрај редовното изведување на наставата, бил ментор на над 50 дипломски и на една магистерска работа, потоа рецензент за избор во повисоко звање, како и член на комисии за одобрување теми за магистерски работи и за докторски дисертации, член на комисии за одбрана на магистерски работи и докторски дисертации. Активно учествувал и учествува во повеќе општествени и стручни асоцијации како: член на Друштвото на историчарите на Македонија, член на Музејското друштво на Македонија, член на Меѓународниот совет на музеите (ICOM).

Бил прв претседател на Македонскиот национален комитет на ICOM, член на консултативниот комитет на ICOM, член на Меѓународниот комитет на ICOM за музеологија (ICOFOM) со право на глас и член на меѓународните комитети за документација (CIDOC) и за стручно усовршување на кадрите (ICTOP). Од 2002 г. е прв претседател на Македонскиот национален комитет на Синиот штит, како стручна асоцијација која се грижи за заштита на културното наследство во природни катастрофи и во катастрофи предизвикани од човекот.