сабота, 17. април 2021. Вести денес: 0
home Вести

Илјадници луѓе без приходи: 365 дена без работа, нула помош од државата!

Илјадници луѓе без приходи: 365 дена без работа, нула помош од државата!

Со кутии во кои е спакувана опремата, и со запалени свеќи, компаниите кои oрганизираат настани го кренаа гласот, против како што велат неодговорноста од власта. Компаниите од „ивент“ индустријата кои дојдоа на протест пред Владата, бараат неповратна помош – грант, односно за нив да важи истата поддршка со која се опфатени и ноќните клубови. Тие симболично го одбележаа „поменот“ – една година по воведувањето забрана за одржување јавни настани.

Маја Бабиќ, претседател на Асоцијацијата на ивент индустријата (ИВАП) рече дека компаниите од оваа дејност бараат неповратна помош, грант, како што добија сопствениците на ноќните клубови, бидејќи проценките се дека падот на приходите во ивент индустријата е повеќе од 60%.

-Баравме да бидеме третирани исто или слично како што беа третирани ноќните клубови. Тие добија грантови од по 10.000 евра. Бараме грант зашто сме една година затворени, но и за да можеме летово нешто да работиме. Буквално сме исцицани. Никаква помош немавме цела година од државата. И предложивме на Владата да има механизми со кои ќе може да се определи вид помош, а тоа значи дека компаниите треба навистина да докажат дека работат во ивент индустријата, дека имаат повеќе од 60 отсто пад на приходот, вели Бабиќ.

Бабиќ вели дека пред еден месец разговарале со вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, но не добиле ниту еден конкретен одговор. Она што им било сервирано е само неразбирливи мерки, кои тешко дека ќе го ублажеле ударот.

-Ние понудивме неколку модели за помош, но ниту еден од нив не бил земен предвид. Понуден е целосно нов, нејасен модел без рокови и јасни правила што остава простор за сомнеж во неговата правичност и намена. За жал, изведувачките уметности, музиката и јавните настани се вториот најголем губитник од КОВИД пандемијата во Европа и светот, според последното истражување на европската агенција EY Consulting, веднаш зад авио-транспортот и според истражувањата, закрепнувањето на оваа важна општествена гранка мора да биде сериозно поддржано и помогнато од локалните влади, рече Бабиќ.

Со овој собир, вели таа, Асоцијацијата сака да го сврти вниманието на Владата, но и на јавноста, за состојбата во која се наоѓа „ивент“ индустријата.

Коронавирус