сабота, 27. ноември 2021. Вести денес: 11
home Вести

Илинденско или Илинденско-Преображенско востание!? (3)

Илинденско или Илинденско-Преображенско востание!? (3)

Проф. д-р ТОДОР ЧЕПРЕГАНОВ

Во годините по осамостојувањето на Р. Македонија станавме сведоци кога скоро секојдневно имаше политичари кои се јавуваа за да ги толкуваат историските настани и личности, без притоа да имаат било какво познавање на истите или да прочитале нешто за истите, а за кажаното не сносеа никакви последици туку уште повеќе настојуваа да ги наметнат своите ставови само поради фактот што го имаа авторитетот на политиката. А голем дел од тоа што го застапуваа беше далеку од вистината. Уште пред потпишувањето на „договорот за добрососедство, пријателство и соработка“ со Бугарија тогашниот градоначалник на Струмица Зоран Заев со брусилка ги избриша зборовите од споменикот подигнат во чест на Благој Јанков Мучето дека истиот е убиен од „… куршум“ а чиј останува енигма. Го избруси зборот „бугарски“ како негов придонес кон добрососедските и пријателските односи со Бугарија што постојано го повторуваше. На таа „брусилка историја“ за жал не реагираше никој. А всушност се работеше за скрнавење на споменик што е казниво со закон. И уште повеќе, во контекст на „добрососедските и пријателските односи“ со Бугарија во својство на премиер, Зоран Заев ќе изјави „дека голем дел од историјата“ со Бугарија  „е заедничка и дека во македонските учебници ќе биде променето сѐ она што не е во новиот дух на соработка помеѓу двете држави“ и дури дека „ние сме братски народ, ние сме един и същ народ“.[1] По потпишувањето на договорот со Бугарија се формира Мешовитата македонско-бугарска експертска комисија, со цел да се „изврши денационализација и деполитизација на минатото и да се усогласат ставовите како деловите од историјата во учебниците да биде прикажана на начин кој нема да биде навредлив за никого“[2] и во тој контекст да се издвојат датуми за заедничко чествување. Досега комисијата како датуми за заедничко чествување на своите влади ги има предложено Св. Кирил и Методиј, Григор Прличев, Свети Наум и цар Самоил. Меѓутоа, извор на сопнување во работата на Комисиите настана кога бугарската страна го истакна барањето да се прифати дека Гоце Делчев бил Бугарин што македонските членови на Комисијата не го прифатија, а предложија ден на заедничко чествување да биде пренесувањето на моштите на Гоце Делчев од Софија во главниот град на тогашна Народна Република Македонија што не беше прифатено од бугарска страна. Несомнено дека „ценкањето“ околу датумите, личностите и настаните од македонската историја ќе продолжат имајќи предвид дека се работи за политички формирани комисии кои мора да дадат резултат. А политичките одлуки во случајов треба да бидат потврдени од научни работници со изговор дека политиката немала никаков удел во сето тоа. Дежа ву.

Исто така често споменуван датум за заедничко чествување е и Илинденското востание, или како што милуваат да кажат Бугарите Илинденско-Преображенското востание. Во тој контекст беа одржани и неколку средби на македонските и бугарските историчари, но  истите завршуваа и пред да почнат. Македонските историчари стоеја цврсто на ставот дека Илинденското востание му припаѓа на македонскиот народ. Она на што настојува бугарската страна е заедничко чествување на Илинденското востание и тоа како Илинденско-Преображенско, со тоа настојувајќи да му се даде сосема друга димензија на истото. Таа настојува да стави равенство меѓу Илинденското и Илинденско-Преображенското востание. Дилемата дали тоа било Илинденско или било Преображенско-Илинденско или Илинденско Преображенско постои само кај оние кои се обидуваат на било кој начин да „докажат” дека тие две востание се раководени од еден центар и за една иста цел. Центарот е Софија и дворот на кнезот, а целта е обединување на Македонија со Бугарија. Дури се појавија и тврдења дека во документите се зборува за Преображенско-Илинденско востание, но македонските историчари ги фалсификувале документите. Но документите се неумоливи. Илинден е исклучиво македонски празник. Кој мисли поинаку се лаже и себе си и другите. Тоа што голем дел од организацијата на востанието одела преку Бугарија не значи дека тоа е бугарско. Истата ја водат, пред се`, македонски револуционери. Македонската револуционерна организација (МРО), како секоја илегална организација, барала помош за реализирање на своите идеи и цели. Во организирањето на востанието го вложила целиот свој физички и материјален потенцијал за тоа да биде што подобро организирано. Од своја страна Бугарија вети „200.000 штикови“ како помош на македонските востаници. Но, тоа не се случи. Востаниците мораа самите да се борат против Османлиите до крајот на ноември 1903 година. Востанието заврши со неуспех, но му ја покажа на светот желбата на еден народ да биде свој на своето, со своја држава, нација, јазик и култура. По востанието, во репресиите страдаше македонскиот народ. И сосема е нормално што Илинденското востание живее единствено во колективната меморија на македонскиот народ, бидејќи само тој, македонскиот народ, ја прифати одлуката на Организацијата да се крене, да учествува и да го води и на крајот да ги трпи последиците од востанието. Ниту еден друг народ на Балканот не учествуваше во ова.

И во Бугарија, споменот за Илинден во 20-тите години на XX век започнала да го чествува македонската емиграција бидејќи тој живеел во меморијата на Македонците. Сигурно дека овие факти се добар повод да се направи една ретроспектива на тоа како и кај кој народ живее во колективната меморија ова востание и како се именува. Колективната меморија може да биде оној барометер кој покажува што тој настан или личност значи во историјата на еден народ. Токму во овој контекст би требало да се стави истражувањето во однос на именувањето на востанието.

Познато е дека во Бугарија се наоѓаше голема маса македонска емиграција која беше организирана во друштва кои делуваа на разни начини, објавуваа дневни весници и имаа свое влијание во животот  на македонската емиграција.

Според постојната документација прославите по повод Илинденското востание започнале да се организираат во Бугарија од страна на македонската емиграција пред Балканските и Првата светска војна, по сопствена иницијатива.

Организирано прославување на Илинден настапува со формирањето на Илинденската организација (Основачки когрес 19-21 јануари 1923).[3] Организацијата имaла печатен орган.  Една од задачите на друштвото била и активноста за негување на традициите на македонските револуционерни борба т. е. да се популаризира „македонската историја, македонскиот хероизам, македонското самосознание”.[4] Во нивна организација се започнало со одбележување на годишнини од убиствата на македонски револуционери. Исто така друштвото посебно внимание ѝ посветило на акцијата за пронаоѓање и зачувување на архивите и знамињата на некои револуционерни реони и востанички чети во Македонија.[5]

Веднаш по формирањето на илинденските друштва како една од нивните главни активности било организирање прослави по повод годишнините од Илинденското востание. До основчкото собрание на Друштвото „Илинден” организирањето на честувањата по повод Илинденското востание се одвивало по сопствена иницијатива во рамките на илинденските друштва.

Непосредно по завршувањето на Првата светска војна, во 1919 година, во знак на сеќавање на загинатите во Илинденското востание биле одржани панахиди од емигрантите од Крушево во црвата „Св. Спас” и од членовите на Исполнителниот комитет на македонските братства, Врховниот комитет „Одринска Трaкија” и „Добруџанската организација” во црквата „Св. Недела”. И во 1920 година македонските емигранти во Бугарија ја продолжиле традицијата на одбележување на Илинден со панахиди.[6] Поорганизирано чествување на Илинден во редовите на македонската емиграција започнува од 1921 година. Голема улога во тоа одиграло Друштвото „Илинден”. Прославата во Софија била организирана од страна на Софиското друштво. По отслужувањето на панахидите за сите македонски револуционери биле организирани: утро (со литературно-музички дел) и народна веселба (литературно-танцувачка вечер, на која учесниците биле облечени во македонски носии).[7]

Чествувањето на Илинден меѓу македонската емиграција продолжило и во наредните години. Се одбележувал на истиот начин, со панахиди во црквите, говори за значењето на Илинденското востание и посети на гробовите на исткнатите македонски револуционери, а се организирале и веселби.

На самите манифестации учествувале голем број македонски емигранти. На прославата на Илинденското востание во 1922 година во Софија учествувале неколку десетини илјади лица од повеќе средини, и истата била оценета како најмасовна дотогаш, а на честувањето во 1924 година зеле учество над 30.000 луѓе.[8]

Во големиот број написи во гласилото на Илинденската организација повеќе нејзини членови се пројавиле со свои написи во кои се осврнувале на значењето на Илинденското востание за македонскиот народ. Со ниту еден збор не се споменува Преображенското востание.[9]

Чествувањето на Илинден во 1923[10] година било збогатено и со пренесувањето на посмртните останки на Гоце Делчев во просториите на Илинденската организација во Софија. На 2 август 1923 година од куќата на М. Чаков посмртните останки на Гоце Делчев биле пренесени до црквата „Св. Недела“. Во процесијата учествувало Раководното тело на Илинденската организација и Националниот комитет на македонската емиграција.[11] Во црквата саркофагот останал до 5 август 1923 година кога биле пренесени во канцеларијата на Илинденската организација.

По 1924 година чествувањето на Илинден од македонската емиграција во Бугарија започнува да поприма политички димензии. Од страна на Националниот комитет бил воведен посебен „Ден на Македонија“ со што Илинден бил сведен само на патронен празник на Илинденската организација и покрај фактот што Илинден македонската емиграција во Бугарија го доживувала како „симбол на македонската борбеност” и „македонски ден”, а за Илинденската организација „го симболизира нејголемиот момент во историјата на македонското ослободително револуционерно движење”. Со воведувањето на „Ден на Македонија“ Националниот комитет сметал полека да се изгуби споменот за Илинденското востание меѓу македонската емиграција во Бугарија со смртта на нејзиниот последен член. Чествувањата на Илинден од 1924-1928 година почнуваат да имаат се поскромен карактер и го задржале претходниот начин на чествување со панахиди, говори, посета на гробовите на македонските револуционери и народна веселба. Во 1928 година прославата била одложена поради убиството на Александар Протогеров, а во 1929 година била одложена за „поповолно време”. Од 1930 до 1932 година чествувањата по повод Илинденското востание биле прославувани само со панахиди. Од 1933 година организацијата околу чествувањето повеќе не доаѓала од Илинденската организација туку од Националниот комитет. Прославата на 30-ет годишнината од Илинденското востание не била одржана поради тоа што „Управата на престолнината” го забранила тоа. Чествувањето било направено како и во претходните години.[12]

Во документот од Централниот партиски архив[13] во Москва насловен „Бугарската комунистичка партија и националното прашање” се истакнува: „Во 1903 година во Македонија избувна познатото ‘Илинденско’ востание, големо масовно револуционерно движење на христијанските и малку имотните градски маси”.[14]

Во Органот на бугарската комунистичка партија „Работнически весник”, во периодот меѓу двете светски војни постојат огромен број на написи кои се однесуваат на Илинденското востание.  Во некои од нив меѓу другото читаме: „Во овој момент целата…македонска емиграција во земјата е возбудена од спомените на величественото македонско народно востание пред 20 години. Илинден[15] е за оваа прогонета, бедна и бездомна емиграција едно знаме, под кое таа секогаш е спремна да се собере и кон кое таа има света верба…Илинден беше знаме свое, знаме народно, знаме македонско…”. И на крајот написот завршува со паролите „Поклон пред споменот на Илинденците! Поклон пред знамето на Илинденското востание”.[16] Во сите написи во периодот меѓу двете светски војни не постои напис во кој не се пишува и истакнува значењето на Илинденското востание. Во ниту еден напис истото не се поврзува со Пеображенското востание. И во 1936 година истиот весник донесува напис под наслов „Да се сплотиме под знамето на илинденските идеали”. Меѓу другото се истакнува: „Македонската историја е исполнета со епизоди на хероизам од страна на македонските револуционери во борбата против тиранијата на султанот. Но по својот масовен карактер Илинденското востание си останува единствено со епохално значење во македонската ослободителна борба”.[17]

По повод годишнината од Илинденското востание весникот „Македонски вести” во 1936 ќе донесе повеќе написи за истото. Насловот на првата страница е „Илинден – македонски национален празник”. И меѓу другото се потенцира: „Македонскиот народ си има свој национален празник. Тоа е Илинден. – Денот на кој кога македонскиот роб излезе на решителен двобој со султанските потисници за национално ослободување и економска благодет”.[18]

Гоце Делчев со серската чета

И во органот на Софискиот окружен комитет на ВМРО (о) „Обединист”  од 1935 година во статијата под наслов „Илинден”, се истакнува: „Со Илинденското востание македонскиот народ најдобро докажа дека е готов да умре за остварување на издигнатите од првоапостолите на македонскиот народ пароли. На илинден поробена Македонија ја пројави својата огромна револуционенра моќ и волја за слободен живот”.[19]

Што значел Илинден за македонската емиграција во Бугарија најдобро покажува обидот на Националниот комитет на македонските братства да го замени чествувањето на Илинден со Духовден. Во однос на тоа се пројавила македонската емиграција со напис во в. „М. Р.” во кој истакнува: „Врховистичкиот национален комитет, сака да  му се наложи на македонскиот народ и на емиграцијата Св. Дух како ден на Македонија. Тоа беше неопходно за врховизмот да го одречи вистинскиот ден на Македонија, ИЛИНДЕН, за да се фрли маска врз првата македонска револуција и по таков начин да не дозволи на македонските маси да црпат од неа поука и инспирација за револуционерна борба. Тие не сакаат да го прифатат и чествуваат Св. Дух како свој, зошто тој е врховистички ден кој нема никаква врска со историјата на македонската ослободителна борба. Поробена Македонија си има свој историски величествен Илинден во кој целиот македонски народ востана со оружје во рака за национално и социјално ослободување, за слободна и независна Македонија.

Илинден е жив спомен, поттик, инспирација и пример за ослободување. Да го запазиме и уште повисоко да го издигниме тој  револуционенрен празник како ДЕН НА МАКЕДОНИЈА…”.[20]

За разлика од чествувањето во Бугарија, во делот на Македонија во рамките на Кралството СХС/Југославија било забрането јавното чествување на Илинден. Чествувањето единствено  можело да с организира тајно. Дури се одело и дотаму што и посетите на Крушевчани на Мечкин Камен биле забранети од српските власти. Во овој период единственото масновно организирање на Илинден се случило во организација на ПК на КПЈ за Македонија, кога биле организирани од страна на младината масовни собири во Охрид, Прилеп, Скопје, Струмица. Истите биле проследени со полициска забрана и затворање на голем број учесници во демонстрациите.[21]

Треба да истакне дека во 1939 година во исчекување на настаните кои се очекувале да се случат на Балканот, на чествувањето по повод годишнината од Илинденското востание за првпат се забележуваат и претставници на бугарската држава. Така во Варна на илинденската прослава присуствувал градоначалникот на градот, додека во Софија поголема група државни претставници ја посетиле канцеларијата на Организацијата.[22] На прославата во 1940 година по одржувањето на панахидата и молитвата во црквата „Св. Недела” претседателот на Бугарското народно собрание Никола Логофетов од името на бугарскиот народ им се заблагодарил на паднатите учесници во Илинденското востание, посакувајќи им на живите македонски ветерани добро здравје. Истиот меѓутоа не присуствувал на годишнината на Преображенското востание, која по иницијатива на Тракиската организација се одржала на 19 август 1940 година. [23]

Почетокот на Втората светска војна и префрлањето на воените акции на територијата на Балканот биле една од основните причини Бугарија како држава да го промени својот однос кон чествувањето на Илинденското востание. Во ситуација кога Бугарија се наоѓала пред реализирањето на својот вековен сон, припојување на Македонија, бугарската држава видела голема можност Илинденското востание да биде искористено во пропагандни цели и да се претстави како едно од најголемите бугарски востанија. Таа улога на себе ја презела Дирекцијата за национална пропаганда која била формирана на 5 април 1941 година со цел да работи на одбрана на интересите на Бугарија. Првата можност јавно да ја промовира својата активност Дирекцијата за пропаганда ја имала во пресрет на годишнината на Илинденското востание во 1941 година. Тогаш за прв пат од 1903 година бугарската држава преку весникот „Целокупна Бугарија” излегува со соопштение дека „во новата историја на Бугарија Илинден го зазеде местото на највисока пројава на бугарското воинство” и покрај тоа што и самите признавале дека Илинден бил „довчера знаме во борбата која Македонија ја водела за своето ослободување”.[24]

Дирекцијата за национална пропаганда како орган на бугарската влада со посредство на печатот, радиото, литературата и со организирање на предавања, свечености, прослави и манифестации активно учествувала во креирањето на јавното мислење во државата и имала голема заслуга во подготвувањето на народот да ги прифати и одобри сите постапки вршени од државните служби. Во реализирањето на поставените задачи биле ангажирани сите министерства, спортски организации, читалишта и бугарската православна црква. Официјален орган на Дирекцијата бил весникот „Целокупна Бугарија” кој од првиот број (24 мај 1941 год.) до последниот број (31 август 1944 год.) истрајал на својата поставена цел во докажувањето на бугарскиот карактер на Македонија.[25]

Одеднаш бугарските институции, а и самата држава станале многу „свесни” за значењето на Илинденското востание. Истите почнале да го сметаат Илинденското востание како востание кое според покажаната сила на духот, по бројот на учесниците и дадените жртви го заземало првото место во „редицата востанија за ослободување на бугарскиот народ”.[26]

По добиената дозвола од нацистичка Германија да ја окупира Македонија (18 април 1941) бугарските окупациони власти по воспоставувањето на административната и полициската власт сфаќајќи го значењето на Илинден за Македонците, а имајќи го предвид значењето на пропагандата веднаш го презела во свои раце организирањето на чествувањето на Илинден. Бугарската власт организираните прослави сакала да ги претвори во покажување на „борбената и нескршлива бугарштина“. Илинденската организација се претворила во инструмент на бугарската фашистичка идеологија. Илинденските традиции ги изедначиле со фашистичките идеали кои биле прокламирани од бугарскиот државен врв. Македонските идеали со еден збор биле присвоени и користени во цели на величење на фашистичката идеологија и нејзините лидери.

Обидот да организира што повеќе илинденски друштва од април до август 1941 година резултирал со само две формирани друштва во Делчево и во Крушево. Од тие причини, со цел да го канализираат формирањето на Илинденски организации, бугарските окупаторски власти формирале специјални комитети за организирање на Илинденските манифестации скоро во сите градови на Македонија.[27] Од своја страна Битолската обласна дирекција изработила посебен план во шест точки во кој биле набележани чекорите кои требало да се преземат во однос на чествувањето. Во точка 3 се предвидувало „да се пронајдат и прослават живите дејци од она време“ и во точка 4 „да се пронајдат имињата на загинатите и за нив да се отслужи помен било во црква, било на местото каде што биле убиени. Службата да заврши со говор, а при можност да се приреди и литературно-музичка вечер“.[28]

За прославата во 1941 година бугарската влада организирала и бесплатен превоз за македонските емигранти во Бугарија и уште повеќе во Софија во средината на јули 1941 година организирале и Комитет при македонските добротворни братства кој требало да го организира одењето на македонските емигранти на прославата на Илинден.[29]

Централната прослава во 1941 година се одржала во Битола. За време на чествувањето им биле дадени големи почести на остарените македонски револуционери од страна на градоначалниците и официјалните бугарски власти. Исто така биле одржани и панахиди, молитви, полагање цвеќиња на гробовите на заганатите учесници во востанието, воени паради, а пред Илинден во некои градови биле одржани и свечени академии.[30]

Дури и во Софија се одржало чествување на кое присуствувал и министерот за надворешни работи Петар Габровски, член од свитата на цар Борис III, претседателот на македонските братства и членови на Илинденската организација, а претходно во црквата „Св. Недела“ била отслужена панихида.[31]

И во наредните години бугарските окупаторски власт го користеле Илинден во пропагандни цели. Во 1942 година централната прослава се одржала повторно во Битола. Интересно е што Битолската околиска управа во мај 1942 година забележала дека членовите на Илинденската организација носат значки на кои пишувало „Илинден и Независна Македонија – за неа ние се бориме, за неа ние умираме“ и побарале да се избрише слоганот „Независна Македонија“, а да остане само Илинден.[32]

На XII конгрес на Илинденската организација одржан во Битола на 2 август 1942 година, а со цел Конгресот да биде помасовен, над 300 членови на Илинденската организација, заедно со претседателот на Раководното тело Л. Томов, претставници од речиси сите патриотски организации (Македонскиот научен институт, Тракискиот научен институт, преображенци, македоноодринци и др.) пристигнале од Бугарија.[33]

Во 1943 година централната прослава се одржала во Крушево. Сценариото за сите прослави било исто како и во 1941 година. Меѓутоа во 1944 година поради состојбата на фронтовите и притисокот на Црвената армија одбележувањето било многу скромно.

Може да се истакне дека основната цел на бугарските окупаторски власти била да се фашизира чествувањето на Илинден. Во тие историски услови кога македонскиот народ се наоѓал под бугарска окупација членовите на КП на Македонија се обидувале да ги осуетат таквите прослави. Со таква немара во 1941 година издале повик до Македонците, Турците, Албанците и Власите при што биле повикани да го бојкотираат одржувањето на манифестациите.[34] Од своја страна и КП на Бугарија во декември 1941 година издала проглас во кој се критикувало однесувањето на бугарските фашистички окупатори кои се обиделе „да се маскираат со најголема славна дата од револуционерната историја на Македонците-Илинденското востание. Тие бесрамно тврдеа како идеалите на Крушевската република биле идеали на Хитлер и цар Борис – тие заколнати непријатели на слободата на народите. Вие старите Македонци, живи сведоци на Илинден, вие ќе потврдите дека Илинден беше и е македонско, а не на бугарските фашисти, дека на Црвеното Крушевско знаме беа напишани зборовите – слобода, братство и рамноправност“.[35] Исто така в. „Работническо дело“ во летото 1943 година известува дека од Кавадарци и Неготино биле интернирани 35 лица „родители на партизани, мирни селани, граѓани, илинденци, борци“.[36] Причината за нивното интернирање била активноста на нивните синови.[37]

Во 1946 година Тодор Павлов во својата статија насловена „Гоце Делчев” ќе истакне „…Кога во време на Илинденското востание се создаде првата национална и социјална република во Крушево под претседателство на национал-револуционерот и социјалистот Никола Карев, таа не само во писмените документи, туку и преку самите дела ги поцрта токму сфаќањата на водачот на македонската национална револуција.” И продолжува „…токму пред Илинденското востание, за кое Гоце и  Ѓорче Петров сметаа дека не беше доволно политички и воено подготвено…“[38]

По повод 65 годишнината од чествувањето на Илинденското востание во Бугарија официјално било наречено „Илинденско-Преображенско востание“ и сметано за „заедничка борба на Бугарите од Македонја и Тракија“. При чествувањето раководството на Комунистичката партија им доделило специјални награди на „некогашните учесници во револуционерните борби во двете области“. Од своја страна бугарските историчари водачите на востанието ги именувале како „големи бугарски патриоти“.[39]

И Фикрет Аданар  во својата книга „Македонскиöт Въпрос” има посебна глава под наслов „Илинденското востание 1903 г.” каде што со  ниту еден збор не прави корелација со Преображенското востание.[40]

Но во „Енциклопедија Бугарија” објавена 1982 година, по партиската директива  има одредница „Илинденско-Преображенско востание 1903” и дефининирано како „врвна точка во национално-револуционерното движење на бугарското население во Македонија и Одринско”.[41]

(Продолжува)


[1] https://respublica.edu.mk/blog/2017-07-24-09-13-09,

[2] https://www.vecer.press/%D1%88%D1%82%D0%BE-%D1%9C%D0%B5-%D1%81%D0%B5-%D0%B1%D1%80%D0%B8%D1%88%D0%B5-%D0%BE%D0%B4-%D1%83%D1%87%D0%B5%D0%B1%D0%BD%D0%B8%D1%86%D0%B8%D1%82%D0%B5-%D0%BF%D0%BE-%D0%B8%D1%81%D1%82%D0%BE%D1%80%D0%B8/

[3] Види поопширно: Вера Гошева, Илинденската организиација (1921-1947). Институт за национлна историја, Скопје, 2004., 24.

[4] Цитирано според: Вера Гошева, Илинденската организација…32.

[5] Исто таму.

[6] Исто, 33.

[7] Исто, 34.

[8] Исто, 35. Насловите во весниците биле: А. Jовковъ, Илинденъ 1903, „Илинденъ”, III, 5 августъ 1923, 20, 2;  А. Jовковъ, Илинденското възстание въ историята,  „Илинденъ”, III, 19 януарий1923, 3, 1; А. Jовковъ, Илинденското възстание въ историята,  „Илинденъ”, III, 28 януарий 1923, 4, 1; Тържествена прослава на 20-годишнината отъ Илинденското възстание, „Илинденъ”, III, 12 августъ 1923, 21, 1; Илинденъ въ София, „Независима Македония”, II, 9 августъ 1924, 70, 1; Денътъ на Илинденското възстание, „Денъ”, XI, София,, 9 августъ 1922, 431 (3252), 2; Конференцията на илинденци, „Денъ”, XI, София,, 5 августъ 1922, 428 (3249), 2 и др.

[9] Исто таму.

[10] На 1 август 1923 година српскиот дипломатски претставник од Софија испраќа телеграма до Министерството за надворешни работи во кое известува дека: „на 2 август ќе се прослави во Софија дваесет годишнината на македонското востание. Во таа прилика ќе се изведе голема македонска манифестација во која ќе учествуваат сите македонски братства и сите друштва… Во врска со Вашата телеграма Пов. бр. 738 Ве молам да и изјавите на тамошната влада, дека претстојната македонска манифестација на македонците ја сметаме како предизвикување и спротивно на Нишкиот договор и на мирољубивите уверувања на претседателот на бугарската влада и министерот за надворешни работи…“. Архив на Југославија, ф. Меħународни односи измеħу два Светска рата, Бугарска II.

[11]  Посмртните останки биле положени во специјален саркофаг, на кој било запишано: „Ги заколнуваме поколенијата овие коски да бидат погребани во престолнината на Независна Македонија”.  Вера Гошева, Цит. труд., 38.

[12] Види поопширно: Вера Гошева, Цит. труд., 163-7.

[13] Ibidem.

[14] Ibid.

[15] Курзивот е во оригиналот.

[16] В. „Работнически Вестник”, бр. 52, 1923., 1.

[17] В. „Македонски Вести”, бр. 64, 1936., 1.

[18] Исто таму.

[19] „Обединист”, г. 1, бр. 4, јули 1935,, 2.

[20] „М. Р.” г. 1, бр. 4, јуни 1935., 1.

[21] Вера Гошева, Цит. Труд, 219.

[22] Исто таму, 196.

[23] Исто, 196-7.  Меѓутоа, истиот политичар не  ја посетил прославата организирана по повод годишнината од Преображенското востание, која била организирана на иницијатива на Тракиската организација на 19 август 1940 година. Исто., 197.

[24] „Целокупна България“, 1 август 1941, 55, 1. Меѓутоа, треба да се истакне дека само неколку години порано Себугарскиот сојуз „Отец Пајсиј”, кој како политичко вонпартиско здружение имал за цел “народносно и државно самозачувување” на целиот бугарски род и на сите Бугари “каде што тие се наоѓаат”, ги повикувал Бугарите во странство да ги празнуваат следните значајни историски датуми: а) 3 март – ослободувањето на Бугарија; б) 24 мај – Св. Кирил и Методиј; в) 27 септември – ден на “Отец Пајсиј”; г) 27 ноември – Потпишувањето на Нејскиот договор. Види поопширно, Вера Гошева, Цит. труд., 191-2. Во овој список Илинден како бугарски празник не постои што било и сосема нормално бидејќи тој бил одбележуван единствено од Илинденската организација во која била организирани македонската емиграција и Илинден во нивната меморија бил дел од македонската историја, а не дел од бугарската историја.

[25] Вера Гошева, Цит. труд, 202.

[26] Цитирано според: Вера Гошева , Илинденската орг…, 205.

[27] Исто таму, 220.

[28] Исто.

[29] Исто.

[30] Исто, 222.

[31] Исто.

[32] Исто, 210.

[33] Исто, 209.

[34] Исто, 224.

[35] Исто, 224.

[36] Исто, 225.

[37] Исто, 226.

[38] Тодор Павлов, Гоце Делчев, Нариздат, 1946.

[39] Чавдар Маринов, Македонското прашање од 1944 до денес. Комунизмот и национализмот на Балканот, Фондација Отворено општество – Македонија, Скопје, 2013, 84.

[40] Фикрет Аданаър, Македонскиют Въпрос, София, 2002., 169-207.

[41] Енциклопедия България, том 3, И-Л,, Издателство на Българската академия на науките, София 1982., 104.

Коронавирус