вторник, 26. јануари 2021. Вести денес: 169
home Вести

Иако образованието е задолжително и бесплатно, онлајн наставата на Царовска недостапна за сите ученици

Иако образованието е задолжително и бесплатно, онлајн наставата на Царовска недостапна за сите ученици

Иако образованието во Македонија е задолжително, но и бесплатно, оваа година тоа остана недостапно за многу ученици. Онлајн наставата, на која инсистираше министерката за образование, Мила Царовска остави многу ученици надвор од образовниот процес.

Иако уште од почетокот на пролонгираната учебна година, се покажаа првите проблеми и недостатоци на годинешната форма на одржување на училишни часови, односно онлајн настава, затоа што над 40.000 ученици немаат никаков технолошки уред преку кој би ја следеле наставата.

Проблем имаа и многудетните семејства затоа што од еден компјутер треба нивните две, три или четири деца да одржуваат часови. Проблем имаат и просветните работници, затоа што добар дел од нив кубурат со стари и дотраени компјутери.

Проблем кај наставниот кадар во реализирањето на онлајн наставата е и возраста на наставниците, каде што оние во поодминати години, кои и не се во занемарувачки број, не умеат или имаат потешкотии во ракувањето со ИТ уредите. И покрај тоа што овие проблеми беа дијагностицирани уште на почетокот, веќе два месеци како почна учебната година, власта не направи ништо за да ги реши.

Двете сестри, Блерта и Блерина, едната во четврто одделение, а другата во шесто одделение, речиси не посетувале ниеден ден настава преку Интернет. Тешката финансиска состојба ги остави овие две сестри без образование.

Додека другарите им следат онлајн настава, двете сестри импровизираат настава меѓусебно и си помагаат една на друга, и го чекаат материјалот ветен од Министерството за образование. За телевизија Алсат девојчињата велат дека до сега не следеле воопшто настава, ниту пак дека од министерството им ги донеле материјалите по кои треба да учат, онака како што им беше ветено на почетокот на учебната година.

Тие велат дека лекциите по кои треба да учат ги дознаваат од нивните другарчиња.

„Не можам да следам настава бидејќи мрежата не чини и имам расипан телефон. Сакам да се вратам на училиште што побрзо, затоа што немам услови да учам преку Интернет“, вели една од сестрите за Алсат.

Без онлајн настава има и многу средношколци, кои не се во можност да ги следат онлајн часовите. Тие велат дека не следат редовно настава, немаат никаков ред и натрупаните лекции не можат да ги совладаат за кратко време, така што и на оценувањето добија слаби оценки.

„Не следев редовно, нема ред, освен последните две недели што ги имам сите лекции. Не можам да ги научам сите лекции за две недели. Поради тие лекции, ми ставиле оценки како што сакале самите“, вели ученик средношколец.

Дека состојба е таква, пред некој ден во телевизиско гостување потврди и првиот човек на општина Гостивар, Арбен Таравари. Тој вечи дека оваа учебна година е целосно пропадната, затоа што каков што е примерот во неговата општина, каде што над 50% од учениците не се во можност да ја следат наставата, таква е состојбата речиси цо цела држава. Таравари појасни дека во Општина Гостивар, над 50% од учениците се надвор од образовниот процес, што поради тоа што голем дел од учениците немаат компјутери, што поради тоа што добар дел од наставниот кадар е во поодмината годишна возраст, при што имаат потешкотии во реализирањето на наставата. И покрај постојаните проблеми со учењето на далечина, од Министерството за образование постојано повторуваат дека бројот на ученици кои се вклучуваат во учењето на далечина постојано се зголемува и дека тој достигнал околу 90%.

Најнови вести

Коронавирус