среда, 25. ноември 2020. Вести денес: 78
home Вести

И покрај критиките дека учениците ќе останат неписмени, Царовска упорна дека до крајот на учебната година ќе се учи по ист модел

И покрај критиките дека учениците ќе останат неписмени, Царовска упорна дека до крајот на учебната година ќе се учи по ист модел

Министерката за образование, Мила Царовска не отстапува од одлуката наставата да се реализира по актуелниот модел на настава, односно до трето одделение настава со физичко присуство со скратени часови, а повисоките одделенија и средните училишта да следат настава од далечина.

Таа вчера, учествувајќи на настан одговори на новинарско прашање при што рече дека актуелниот модел на настава ќе остане непроменет до крајот на учебната година.

-Дали се размислува за менување преку една недела на група на ученици ќе беше случај доколку состојбата останеше на ниво на 1 октомври и доколку можеби се намалуваше бројот на новозаразени, но денеска имаме зголемен број на новозаразени и токму затоа сметаме дека овој модел треба да остане во пракса и да го одржиме до крајот на учебната година, рече Царовска.

И покрај се побројните критики од страна на професорите, наставници, родителите па и учениците дека постојниот модел на реализирање на наставата не е добар и нема да даде никакви резултати во унапредувањето на знаењето на учениците. Туку напротив, професорите алармираат дека крајниот резултата на оваа учебна година може да биде речиси целосно неписмени ученици.

Имено, професорот Авзи Мустафа, за телевизија Алсат предупредува дека може да имаат поголеми последици учениците кои оваа година поминаа во трето одделение и кои не успеаја да ги стекнат потребните вештини за писменост, односно да го совладаат читањето и пишувањето. А, сега со оглед на тоа што има скратени часови, наставниците немаат доволно време да им посветат на учениците за да ги надминат овие проблеми.

Тој проценува дека најдоброто решение би било наставата да започнеше по завршувањето на есенскиот бран на коронавирусот, со физичко присуство за сите ученици, со редовна настава без кратење на часовите. Додава дека никој не знае каде се одржува оваа онлајн настава од страна на учениците, затоа што тие можат да се излезени да пазааруваат или пак од автобус и од телефон да се приклучат и да дадат некој одговор. Но, потенцира проферосот Мустафа, кога немаат одговор, се обидуваат на некој начин да се кажат дека интернетот не е во ред, не те слушам, го исклучува и ова доведува до штета на генерациите.

И родителите и учениците во повеќе наврати се јавија со реакции до некои телевизиски куќи за да го искажат своето незадоволство од реализирањето на наставниот процес. Тие се загрижени за судбината на своите деца, велат дека пропуштаат многу настава.

„Со домашни задачи, со часови се многу слаби, мрежата паѓа, децата остануваат без настава, не ги разбираат. Ќе изгубат многу, ако продолжи вака, ќе изгубат многу“, велат загрижени родители исто така за Алсат телевизија.

Од дуга страна, учениците од основните училишта имаат бројни забелешки, жалејќи се на недостиг на целосно реализирање на училишните часови. Тие се жалат дека освен што не успеваат да ги реализираат часовите, истите се соочуваат со губење на часови. Односно, се случува наставниците воопшто и да не се приклучат на националната платформа за да го одржат предвидениот час.

Забелешки и критики има и од наставниците кои одржуваат онлајн настава. Тие се жалат на недостиг на услови за работа, како на пример соодветни компјутери и интернет.

Вчера со реакција се јави и Светската здравствена организација. Регионалниот директор на европскиот оддел при Светската здравствена организација, Ханс Клуге рече дека затворањето на училиштата не е ефикасна мерка во борбата против пандемијата на корона вирусот.

– Затворањето на училиштата не придонесува многу за борба против инфекцијата, па затоа треба да останат отворени, напиша Клуге на својата страница на Твитер.

Коронавирус