вторник, 22. јуни 2021. Вести денес: 0
home Вести

И наставниците по ликовно ја демантираат Царовска: Последиците од намалениот фонд на часови директно ќе ги почувствуваме во иднина

И наставниците по ликовно ја демантираат Царовска: Последиците од намалениот фонд на часови директно ќе ги почувствуваме во иднина

Група наставници од стручните уметнички предмети при ДСУЛУД “ЛАЗАР ЛИЧЕНОСКИ “ испратија ставови и мислења до министерката за образование и наука, Мила Царовска.

Нивниот допис го пренесуваме во продолжение:

Како наставниците од стручните уметнички предмети при ДСУЛУД “Лазар Личеноски “се сложуваме со ставот на МОН дека реформи во образованието се навистина потребни.

Сметаме дека во „дигиталното“ време на паметните електронски уреди многу е важно да се остави простор на визуелната култура и комуникација кои ја развиваат креативноста и ликовната рецепција.

Во оваа нацрт концепција како што можевме да прочитаме во драфт верзијатa „Во рамки на уметничко образование од I до V оддeление се реализира музичко образование и ликовно образование со по 1 час неделен фонд, а од VI до IX одделение се реализира музичко образование и ликовно образование со по 1 час во рамки на едно полугодие“. Како ликовни уметници и пред се како ликовни педагози коишто секојдневно и директно се во настава со долгогодишно искуство во образованието, би сакале да предочиме дека и досегашниот фонд на часови по предметот ликовно образование во основните училишта е помалку од доволен.

Поточно ако се вратиме на горе наведеното дека предметот ликовно образование ќе биде застапен со само еден час во текот на едно полугодие, тогаш значи дека ученикот ќе го изучува предметот само 4 до 5 месеци во една учебна година (зависно од тоа дали ќе се реализира во текот на првото или второто полугодие) и потоа ќе има дисконтинуитет од 7 до 8 месеци.Тоа би значело дека во текот на една година ученикот повеќе ќе ја нема отколку што ќе ја има наставата по ликовно образование. Врз основа на ова не може да се очекуваат високи резултати ниту пак да се овозможи развој на потенцијалите на учениците, ниту пак можност за детектирање на талентираните ученици што во понатамошен контекст е од круцијално значење за нашето средно уметничко училиште а во поширока смисла и за уметноста во општеството.

Понатаму во нацрт верзијата пишува дека „Централно место во наставните програми имаат резултатите од учењето“. Како надоврзување на претходните аргументи само може да заклучиме дека нема да бидат постигнати саканите резултати.

Со ваков дисконтинуитет, скратена и набиена програма, во ниеден случај нема да може да се посвети внимание на надарените и талентираните ученици кои во овој процес не само што нема да бидеме во можност да ги детектираме и насочиме, туку и засекогаш ќе им ја одземеме можноста во иднина стручно да се усовршуваат во сферата на ликовната уметност.

Воедно нам како средно уметничко училиште за ликовна  уметност и дизајн  нѝ е од големе важност учениците кои ќе решат да го продолжат своето образование кај нас да бидат ликовно писмени како би можеле да го надоградиме нивното знаење а не да почнуваме од почеток.

Последиците кои произлегуваат од намалениот фонд на часови по предметот ликовна уметност во основното образование директно ќе ги почувствуваме во иднина.

***

Ставови изнесени во овој допис се ставови на наставниците од стручните уметнички предмети.

ВД. Директорот на Уметничкото училиште ДСУЛУД “ЛАЗАР ЛИЧЕНОСКИ“, Филип Фидановски не дозволи дискусија на споменатат тема на наставничкиот совет одржан на 31.12.2020 и покрај  иницијативата и го напушти состанокот.

Ставовите изнесени во јавноста на Директорот Филип Фидановски се негови лични ставови и не се ставови на наставниците од Уметничкото училиште ДСУЛУД “ЛАЗАР ЛИЧЕНОСКИ.

Ставовите и мислењата на наставниците во однос на новата реформа во писмена форма беа дадени на Министерката за образование и наука, Мила Царовска.

На јавната дебатата по повод престојната реформа за мислење беше повикан и ВД  Директорот на Уметничкото училиште ДСУЛУД “ЛАЗАР ЛИЧЕНОСКИ“, Филип Фидановски кој пред целата стручна јавност изјави дека се согласува со реформите но сепак лично смета декаа треба да има по два часа ликовна уметност и два часа музичко образование неделно. Но кон министерката очигледно му снемува храброст да го повтори кажаното од форумот.

 

Најнови вести

ЕУРО 2020

Македонија