петок, 27. ноември 2020. Вести денес: 11
home Вести

Хрватска презема конкретни мерки за заштита од КОВИД-19, власта во Македонија спие

Хрватска презема конкретни мерки за заштита од КОВИД-19, власта во Македонија спие

Состојбата во Македонија со КОВИД-19 е алармантна. Додека земјите во регионот како Хрватска реагираат и носат построги мерки за заштита од вирусот, власта во Македонија тапка во место. Мерките за заштита од КОВИД-19 се заглавени во собраниска процедура и покрај енормната бројка на новозаболени и починати, власта ја обвинува опозицијата дека таа го кочи процесот со носење на мерки иако ВМРО-ДПМНЕ вети дека ќе обезбеди кворум во Собрание само за да се реализираат мерките.

ХРВАТСКА РЕАГИРА, МАКЕДОНИЈА СТАГНИРА

Хрватска завчера претстави нови епидемиолошки мерки, што стапија на сила утредента. Тие вклучуваат ограничувања на собири, забрана за продажба на алкохолни пијалоци од полноќ до шест часот наутро, задолжително физичко растојание. Хрватскиот вицепремиер и шеф на националниот штаб за цивилна заштита Давор Божиновиќ рече дека епидемиолошките мерки се утврдуваат за 14 дена, по што ќе бидат проценети повторно.

„Подготвивме одлука што ќе стапи на сила утре во 00:00 часот. Одлука за неопходните епидемиолошки мерки за ограничување на собирите. Сакам да нагласам дека правиме одредба со која се пропишува строга мерка за физичко растојание, избегнувајќи близок контакт – најмалку два метра во затворени простории и 1,5 метри на отворено “, рече вчера Божиновиќ за хрватски медиуми.

Тој додаде дека сите јавни настани и собири со над 50 лица ќе бидат забранети, а спортските натпревари може да се одржат само без публика.

А, ситуацијата во Македонија иако е далеку полоша се уште прецизни мерки за заштита од КОВИД-19 нема. Министерот за здравство, Венко Филипче веќе неколку дена по ред вели дека ќе се разгледа состојбата и ќе се донесат поригорозни мерки. „Состојбата со вирусот е исклучително сериозна и критична, притисокот врз болниците и медицинскиот кадар е огромен. Есенскиот бран на вирусот „коси“ низ цела Европа и светот, никој не е поштеден. Молам да се сфати многу сериозно дека од секој еден од нас зависи како ќе го надминеме овој бран“, апелираше завчера министерот за здравство Венко Филипче.

Филипче изјави дека очекува итно и по скратена постапка да се донесат сите мерки и законски измени и повика на максимална одговорност на секој поединец и почитување на сите мерки за заштита.

КОЈ Е ВИНОВЕН

„Самиот закон за заштита од заразни болести не нуди решенија, односно мерки кои ги очекуваат граѓаните, туку тие треба да ги достави Владата. Во самиот вовед на Законот пишува дека се наметнува потреба за ревидирање на прекршочните одредби од Законот за заштита на населението од заразни болести, што е сосема поразлично од она што го кажува изминатите неколку дена министерот за здравство Венко Филипче“, рече во изјава за медиуми пред неколку дена Никола Мицевски, координатор на пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ.

Мицевски посочи дека најголемата опозициска партија ќе направи кворум со присуство, но ќе гласа воздржано за предложените измени во Законот за заштита на населението од заразни болести со кои треба да бидат донесени рестриктивните мерки против корона вирусот.

„Пратениците да покажат одговорност и што поскоро едногласно да се изгласаат двата пакети на мерки за заштита на населението и спречување на понатамошно ширење на вирусот. Барам сите сложно да испратиме порака на единство околу важноста за почитување на мерките. Тие се целосно издржани, базирани на анализите на Институтот за јавно здравје и на меѓународните искуства. Исти или слични мерки во моментов веќе се на сила во сите европски држави“, потенцира министерот за здравство Венко Филипче.

Нема повеќе време за одлагање, состојбата со вирусот е сериозна.

Додека партиите се расправаат, бројките на новозаболени и починати се зголемуваат, а од Светската здравствена организација доаѓаат загрижувачки оценки. Генералниот директор на СЗО, Тедрос Адханом Гебрејесус, пред неколку дена изјави дека северната хемисфера се наоѓа во „критичен момент“ на пандемијата, оценувајќи дека преголем број земји имаат експоненцијален раст, а допрва е октомври. Смета дека следните месеци ќе бидат уште потешки.

Коронавирус