вторник, 22. септември 2020. Вести денес: 173
home Вести

„Храбро срце“: Срцето на Христијан сѐ побрзо бие за трансплантација

„Храбро срце“: Срцето на Христијан сѐ побрзо бие за трансплантација

Пациентот Христијан Неделковски, кому пред 8 години му е вградено вештачко срце е во ургентна состојба и бараме Фондот за здравство да дозволи трансплантација на срце во странство на овој 32-годишник. Во земјата засега има повеќе од 20 пациенти на кои им е неопходно пресадување на срце, но кај Христијан е најитна состојбата, а за жал, двајца болни веќе починаа и не дочекаа ниту шанса да им биде трансплантирано срце, предупредуваат Здружението на пациенти со механичка циркулаторна потпора на работа на срцето Храбро срце.
Најмладиот пациент во земјава кој чека на оваа операција е 13-годишно девојче.

Од Здружението алармираат дека пациентите кај нас се вртат во лавиринтот на институциите, а дека процесот бил запрен за време на епидемијата со коронавирусот.

– Светла точка засега е само најавата која денеска стаса од Министерството за здравство дека од понеделник ќе продолжат да се вршат типизации на ткива за компатибилноста на органот. Инаку, во Словенија се направени 21 трансплантација, меѓу кои две се на срце и тоа за време на оваа епидемија, во Хрватска една трансплантација, а кај нас ништо. Координаторката изјави дека причината за застојот е короната, но мерките попуштаат и мора да мрднеме од оваа позиција. Уште колку пациенти треба да изгубиме за надлежните да се освестат? Во Фондот за здравство барањето уште чека за потпис, а поминаа веќе 2 месеца. Тоа што оваа институција има нов директор не значи дека треба повторно да ги кажуваме нашите барања – велат од „Храбро срце“.

Овие пациенти имаат неколку барања.

– Фондот за здравство ги покрива операциите, за тоа сме благодарни, и тие што досега се направени во странство и за тие во нашата земја. Но проблем е што пациентите кои се тука оперирани, во Клиниката „Жан Митрев“, секоја контрола сами си ја плаќаат, плус лабораториски услуги, евентуални наредни хоспитализации, бидејќи има ургентни состојби па пациентите мора да бидат примени во болница. И батериите морам да кажам дека се многу скапи – цената на една е 1.100 евра, а имаме 8 батерии. Во светот сево ова е на товар на државата – појаснуваат од Здружението.

Единствено двајца членови од Здружението коишто се оперирани на државната клиника не плаќаат ништо.

– Не е фер што останатите приватно плаќаме. Доставивме барања до Фондот за здравство, каде бевме и на состанок, но немаме никаков одговор дали нашите пакети конечно ќе почнат да ги покриваат. Бараме итен одговор од Фондот. Исто така, што побрзо мора да се подигне и свеста за трансплантацијата, за дарувањето органи, а за тоа уште нема никаква кампања во јавноста – велат членовите на „Храбро срце“.

Коронавирус