Дури 69 отсто од заразените во период од 6 август до завчера, не биле вакцинирани и 81 отсто од хоспитализираните. Во тој период, биле регистрирани 58.276 случаи на Ковид-19, од кои 17.896 или 31 отсто биле целосно вакцинирани, а 40.380, односно 69 отсто не биле вакцинирани. Од починатите, 1.571 пациент, односно 79 отсто не биле вакцинирани, а 21 отсто, односно 415 примиле вакцина, информира вчера Министерството за здравство, напоменувајќи дека починатите имале повеќе комбинирани хронични заболувања
Процентот на хоспитализирани лица кои се невакцинирани е голем. Од 468 моментно хоспитализирани пациенти, 91 се целосно вакцинирани.
Од Министерството информираат дека секоја вакцина која ја имаме на располагање е безбедна и апелираат граѓаните да се вакцинираат, бидејќи само така ќе дојдеме до колективен имунитет и ќе спречиме ширење на мутации на СарсКоВ2.
Во претходното деноноќие, регистрирани се 434 нови случаи на Ковид-19 од направени 3.026 тестирања или 14,3 отсто. Вкупно се евидентирани 19 починати, 12 во претходните 24 часа и седум преку системот „Мој термин“, како и 421 оздравен пациент, информира Министерството за здравство, повикувајќи се на податоци на Институтот за јавно здравје.