петок, 15. ноември 2019. Вести денес: 0
home Вести

Херои од спасувачка акција: Влечеле тела од автобусот на смртта, еден од нив повреден продолжил да помага

Херои од спасувачка акција: Влечеле тела од автобусот на смртта, еден од нив повреден продолжил да помага

Нехат Амети и Рами Пајазити се двајца од хероите кои завчера по несреќата кај Карпалак беа првите кои им помогнаа на повредените патници од превртениот автобус на Дурмо турс.

Моника Наумовска, сопруга на еден од повредените патници, денеска ја сподели нивната херојска приказна, која заслужува да се чуе насекаде:

„Еве сум тука во чекалната пред одделот во болницата „8 Септември“ каде што се сместени повредените од страотната сообракјајна несреќа. Мојот сопруг е повреден и тука сум за да се најдам доколку сум потребна. За среќа помина со не премногу тешки повреди. Велат дека засега неговата состојба е стабилна. Но, тоа не е причината што го пишувам ова.

Тука во чекалната од утринава рано чекаа и уште тројца – мајка, татко и сестра. Ги прашав за кого чекаат, како е повредениот. Таткото ми реќе „Синот се оперира беше повреден зошто скокна од патот за да им помогне на повредените. Не можеше да претпостави во мракот дека е високо 4-5 метра. Ја скрши раката, но сепак помагаше и ги вадеше настраданите заедно со мене.

Им покажав слика од маж ми и рече „Да, него го извадивме меѓу првите. Сте имале голема среќа“.

Благодарна сум му на Господ што го сочува маж ми, но и на овие за мене големи луѓе и херои Нехат Амети и Рами Пајазити. Се молам на Господ со лесно да помине операцијата.

Благодарна сум им и на сите што помогнале не штедејќи се себеси.

Ви благодарам и на Вас мои драги сограѓани, роднини, колеги, другари, пријатели, што се јавувате, цело време ме поддржувате, храбрите, нудите помош и во ниту еден момент не ме оставивте сама во овие тешки моменти.

Искрено сочувство до семејствата на сите настрадани и повредени.

Колку сме ние луѓето мали, беззначајни и немоќни..“-напиша таа.