Демагогија е да тврдиш дека со оваа даночна реформа се помага на сиромаштијата и се постигнува некаква правичност, вели за Фактор, поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини. Дециден е дека поради тоа што, како што тврди Владата, повисокиот степен на прогресија ќе опфати само еден отсто од популацијата, значи дека нема да има големо значање ниту ефект, ама вели дека е можно да се зголеми даночната евазија.
-Да правиш реформа која ќе влиаје на еден процент од граѓаните не е ни реформа. Идеолошки прогресивниот данок е полево, додека пропорционалниот (рамниот) е подесно ама колку луѓе има кои земаат над 90.000 денари и како ова ќе влијае, мислам дека нема потреба да се дискутира. Нема големо значање и не мислам дека ќе има ефект на намалување на сиромаштијата, вели Хајредини.
На прашањето дали требаше реформата да биде подлабока тој дава потврден одговор, и вели дека е факт оти неискуството на креаторите на политиката пресудило мерката да биде ваква. Вели дека е можна поголема даночна евазија.
„Може да има одбегнување или неплаќање затоа што кога даноците се едноставни и пресметката е едноставна и се плаќа. Вака кога е покомплицирано може да се прават некои калкулации, вели Хајредини.
Тој додава дека е важно да не се прават многу често измени на законите и промени во стапките затоа што бизнисот не може да ги планира своите активности.
Инаку министерот за финансии, Драган Тевдовски, минатата сабота објави дека од јануари следната година се воведува прогресивен данок со дополнителни осум проценти данок над месечната брутозаработка од 90.000 денари. Со стапка од 18 проценти ќе се даночи секој износ кој е над овој лимит.