петок, 14. мај 2021. Вести денес: 147
home Вести

Груевски: Ова е новото СДСМ по изборите кое се гордее со задолжувањето

Дали е ова истата онаа СДСМ од пред изборите, кога повикуваше дека сме презадолжени и дека не треба да се задолжуваме повеќе? Ова е новото СДСМ по изборите кое се гордее со задолжувањето, ама се фали оти било со пониска каматна стапка.
Груевски: Ова е новото СДСМ по изборите кое се гордее со задолжувањето

Во изјавата на министерот за финансии на 2-ри април, во присуство на Зоран Заев, бранејќи го зголемувањето на даноците, наведе причина дека со овие политики ќе се превземаат мерки кои ќе водат кон грижа за луѓето кои денес работат да имаат фер пензии, пишува Никола Груевски на својот Фејсбук профил.

Неговиот статус го пренесуваме во целост:

Настрана што дефицитот или некој како што велат “дупката„ во пензискиот фонд беше планирана и проектирана во времето кога се правеше пензиската реформа во 2003-та – 2005-та година под покровителство на Светската банка. Тогаш се предвиде дека дефицитот и кусокот пари ќе растат секоја година, до одредено ниво и време, и токму СДСМ го истурка тој проект од чии ефекти денес е зачудена.

За истите пари кои ги очекуваат како дополнителен приход од зголемувањето на даноците, кој сигурно нема да дојде колку што го очекуваат, заради сигурното зголемување на даночна евазија, за истите пари неговиот шеф Заев неколку дена претходно кажа дека ќе ги употребеле за покачување до ниво на минимална плата од 12 илјади денари на социјалната помош.

Неколку дена подоцна, имаме нов “рекламен спот„ за наводната корист од качувањето на даноците, фер пензии за оние кои сега работат. Па фер пензии мора да добијат сите кои сега работат и без зголемување на даноците, туку со зголемување на даночните приходи со стимулирање на нови инвестиции, нови погони и бизниси, кои ќе плаќаат даноци кои ќе ги зголемат даночните приходи на буџетот. Зошто се манипулира со народот со евтина пропаганда? Ако не знаат како да привлечат поголема маса странски инвеститори, нови фабрики кои ќе отворат нови работни места и ќе го зголемат извозот и реалната плата на вработените, нови фабрики преку кои засилено ќе се полни и пензискиот фонд и ќе требаат се помалку пари за примателите на социјална помош, ако не знаат како тоа да го направат, барем нека не го растураат постојниот даночен систем кој даваше извонредни резултати кога власта беше посветена на економијата, различно од денес. И нека не го намалуваат животниот стандард на народот преку зголемување на даноците. Нека не ја намалуваат конкурентноста на македонските компании преку зголемување на даноците. Нека не ги оддалечуваат потенцијалните нови инвеститори преку покачување на даноците.

Пензискиот фонд ќе се засили, кога наместо да седат дома и да земаат социјална помош, барем половина од невработените, еве барем 100 илјади невработени, почнат да работат, да заработуваат плата и наместо да се на товар на државата, тие спротивно на тоа да плаќаат секој месец и во пензискиот и во здравствениот фонд дел од нивната бруто плата. Така и народот ќе е исполнет и позадоволен, и буџетот ќе направи заштеди од намалената потреба за исплаќања социјална помош, и сите тие нововработени со исплатата на секоја плата, и плаќањето даноци и придонеси, ќе го зајакнат и буџетот, и пензискиот и здравствениот фонд.

Со ваква поволна конјуктура во светската и европската економија, каква што немало одамна на претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ, а сигурен сум и на идната влада на ВМРО-ДПМНЕ, би и требале три до три и пол години за отворање на 100 илјади нови работни места, односно 100 илјади луѓе кои сега се невработени да се вработат и да заработуваат плата, а со тоа да имаат иднина и перспектива во оваа земја. Дури и да се влоши малку опкружувањето, повторно во рамките на еден мандат 100 илјади нови работни места се нешто што без посериозен проблем би се реализирало. Но, ќе нема време за губење дебати од типот дали министерката испила едно или три кафиња, дали градоначалникот повторно отворил нова автобуска станица со тапани и музика, па по 10 дена ја затворил, ќе нема време за занимавање со теми од типот го продаваме- не го продаваме блиндираниот мерцедес или од типот дека луѓето ќе биле хај и помалку ќе се разведувале ако се легализирало консумирањето на марихуана. Да, ќе има повеќе патни трошоци, бидејќи инвеститорите ретко самите доаѓаат во ваква мала и помалку позната земја, ако не се посветиш на нивно убедување, преговарање и носење во Македонија. Но ќе има и повеќе пари во буџетот и за повисоки пензии, субвенции, плати, инвестиции во инфраструктурата, автопатишта, пруги, хидроцентрали, градинки, училишта, универзитети и факултети, спортски сали и игралишта, нови индустриски зони, булевари водоводни и канализациски мрежи, мостови, болници, клиники, медицинска опрема, итн. Кратко кажано, се она, што речиси една година го нема.

И конечно за крај не го разбрав едно од повеќето реторички прашања од власта од истата конференција? Вели вака: дали решение од напластените проблеми од минатото е остро кратење на расходите или Македонија треба да води политика на управување со јавниот долг која ќе има за цел трошокот за задолжувањето да биде понизок од економскиот раст?

Дали е ова истата онаа СДСМ од пред изборите, кога повикуваше дека сме презадолжени и дека не треба да се задолжуваме повеќе? Ова е новото СДСМ по изборите кое се гордее со задолжувањето, ама се фали оти било со пониска каматна стапка. А пониската каматна стапка не доаѓа од некоја нивна умешност или снаодливост туку затоа што ова е време на економска експанзија во Европа и Америка и не постои факторот опозиција – СДСМ кој создава политичка криза во земјата која влијае на добивање повисока каматна стапка. Нема некој заменик министер за финансии да им пише писмо на меѓународните кредитори, дека ако го одобрат кредитот од 500 милиони евра колку што неодамна земаа СДСМ преку еврообврзница, опозицијата кога ќе дојде на власт нема да го врати. И нормално, се прави паника, страв, дел од кредиторите се повлекуваат, ризикот се вкалкулира во цената и каматата расте. Има опозиција – ВМРО на која секогаш државата и е пред се, и се труди да помогне, а не да одмогне.

Коронавирус