понеделник, 17. мај 2021. Вести денес: 0
home Вести

Груевски: Хајката што се води против мене е класично политичко УДБА-шко судење, какво што нема ниту во Северна Кореја

Груевски: Хајката што се води против мене е класично политичко УДБА-шко судење, какво што нема ниту во Северна Кореја

Ваква судско-политичка хајка, како што е оваа против мене, конкурира за хајка на столетието, истакна Никола Груевски, поранешниот премиер на Република Македонија.

-Кога велам на столетието мислам на повеќе од 100 години, можеби 120 години. Независно кој бил на власт или кој бил окупатор во оваа земја, ова парче земја на кое што живеевме, веројатно оваа политичко-судска хајка конкурира за една од најголемите или можеби најголема. Вакви монтирани и политички судења не се паметат од почетокот на дваесетиот век. Ниту во турско, ниту во српско, ниту во бугарско, ни во комунистичко време. Да еден човек и неговите соработници, од политички мотиви, биде така атакуван со многу обвиненија и истраги, да се принуди секој ден да е во судот, да има рочишта по 11-12 часа на ден. Кон одбраната судот да се однесува на начин кој што е крајно несоодветен, да има вакво дрско однесување на судот кон одбраната, да дел од судиите на секои 15 минути буквално се дерат на адвокатите, да им даваат само една минута да се искажат за исклучително важни работи, да не се дозволува време за подготовка на одбраната за следното рочиште… Како и однесувањето на судиите кон одбраната како да им се потчинети, а истовремено кон обвинителите со одработување за нив, како кон надредени со почит кој е толку голем што е дури и недостоинствен за судот, рече Груевски кој и денес е на судење за случајот „Тенк“.

Ваквите судења, вели Груевски, се класично политичко УДБА-шко судење, какво што нема ниту во Северна Кореја.

Тој вели дека целта е да го понижат него и неговите соработници за да се покрие неуспехот на владата, да се смени името на државата тивко.

– Адвокатите имаа право кога ми велеа дека ова не е правен, туку политички процес во кој тие не можат да помогнат бидејќи е надвор од нивните капацитети и стручност.  На судиите сакам да им порачам дека јас не сум правник, но гледајќи ги преку медиумите судењата во Хашкиот трибунал во минатото, научив барем како треба да изгледа судија на судење, како не може да се слушне повишен тон или да се види гримаса или да се препознае било каква емоција или наклонетост на судот кон една страна дури и ако ја имаат одлуката во глава уште на почетокот на судењето, како што ја имаат овие наши  кои ќе се потепаат за да му се додворат на Заев со цел да ги забележи и унапреди, рече поранешниот премиер.

Тој говореше конкретно за случајот со набавката на блиндирано возило, за случајот „Тенк“ кој се води против него.

-Не постои случај во светот да поранешен премиер одговара затоа што остварил корист со тоа што одреден број пати се возел во набавено блиндирано возило. Обвинението против мене е дека сум сакал да се набави возило за да остварам корист изразена во одреден број превезувања од едно на друго во услови кога возилото кое ми било доделено било старо речиси 20 години и со многу чести дефекти. Досега  исказ дадоа 15-тина сведоци предложени од Обвинителството. Ниту еден против нас. Двајца кажаа дека воопшто не учествувале во процесите, а сите останати своите искази ги дадоа во наша корист. СЈО се тетерави со креираните снимки да докаже дека сме сакале возилото да е од типот Мерцедес, какви што впрочем биле речиси сите други стари блиндирани возила во Владата и во најголем дел од владите ширум светот, но бегаат од неколку круцијални факти, истакна Груевски.

Тој рече дека фактот од кој бегаат е тоа дека  МВР можело по закон и без тендер да го набави тоа возило и да биде какво сака.

-Бегаат од фактот дека имало период во постапката во кој сите компании дистрибутери на возила имале законска можност да дадат забелешка на тендерската документација и никој ниту се пожалил, ниту побарал таа да се измени и да кажат каква сакаат да биде за да можат и тие да учествуваат. Најверојатно или немало интерес за учество или не нашле забелешки на тендерската документација. Доколку некој дал забелешка или барање МВР сигурно ќе го прифатело. Според ова, не станува збор за фаворизирање на една марка ако секој можел и имал законска шанса да побара измена на тендерската документација. Уште помалку станува збор за фаворизирање на една фирма добавувач бидејки според антимонополските закони во Македонија ниту една фирма нема ексклузивно право на продажба на било кое возило и секоја фирма регистрирана за трговија со возила можела да се обрати до фабриката на Мерцедес и да добие можност да даде понуда. Доказ за ова се многу ситуации во кои фирма која не е генерален застапник на една марка возило на тендер ја победува за целосно исто возило фирмата која е застапник нудејки подобри услови, посочи Груевски.

Најнови вести

Коронавирус