недела, 13. октомври 2019. Вести денес: 105
home Вести

Груевски: Генерации после нас ќе се чудат за што бил обвинет поранешниот премиер, пред да разберат дека станува збор за политички прогон

Груевски: Генерации после нас ќе се чудат за што бил обвинет поранешниот премиер, пред да разберат дека станува збор за политички прогон

Пресудата за случајот „Тенк“ на Специјалното јавно обвинителство ќе биде објавена за шест дена. На вчерашното рочиште во Кривичниот суд во Скопје беа изнесени завршните зборови на обвинителство и одбрната на обвинетите. Меѓу оние кои ги кажаа своите завршни зборови беше и поранешниот премиер на Република Македонија, Никола Груевски.

Груевски во завршните зборови посочи дека колку и да е под притисок судот, заробен и како таков ставен во функција на целта на власта за редефинирање на државата кое го прави сегашната марионетска власт, правдата порано или подоцна ќе излезе на површина.

-Јас и покрај сите објавени новинарски натписи, особено оние на медиуми  кои одблиску и секојдневно го следат судството, и покрај срамните изјави на премиерот и мој повеќе годишен  политички конкурент, кој пред една недела со политички речник во изјава за медиумите веќе најави дека овој суд ќе ме прогласи за виновен, како да сакаше да покаже дека го контролира и управува судот Вас во судот, што пак само даде поткрепа на претходните медиумски натписи, сепак се уште верувам дека овој судски совет сепак ќе најде сили да покаже интегритет, цврстина, чесен однос кон својата професија, чиста совест и професионално однесување, изјави Груевски.

Покрај тоа што го повика судот да ги победи стравовите и донесе исправна одлука, нагласи и дека после изведувањето на доказите и сведочењето на сведоците, стана јасно, дека дури и под претпоставка да сакал да ја фаворизира фирмата Мак ауто стар, не можел бидејќи Законот за заштита на конкуренцијата (ЗЗК) не дозволува ексклузивитет на една фирма за увоз на одредена марка возило.

Тој додаде дека пред овој судски совет да донесе одлука, нека провери добро дали има некој сведок, или материјален доказ, или било каков доказ, од кој јасно произлегува дека Груевски побарал, изговорил име или потпишал документ со име на економскиот оператор Мак ауто стар Скопје, или марката на возилото кои МВР ги набавило Мерцедес С 600 Гард. Такво нешто нема.

-Сум посетил стотици и стотици села и градови низ Македонија, и низ дискусии со граѓани, со претставници на компании, професионалци од разни области, сум предлагал многу проекти и набавки, при што секогаш се подразбирало дека тоа мора да се спроведе само и исклучиво законски, и надвор е од здрав разум да предлагам или барам моите предлози да се спроведуваат незаконски. Се разбира ако од стручните служби некој укажел дека нешто од тоа е незаконско, веднаш сме отстапувале од идејата, изјави Груевски.

Поранешниот премиер на Република Македонија во завршните зборови за случајот „Тенк“, посочи дека во предметот е обвинет за сакање.

-Сум сакал да се набави блиндирано возило бидејќи сум сакал да се возам во него. Сум остварил корист оти ме возеле, не во една туку во друга кола, од истата марка. Генерации на наши потомци ќе се чудат за што бил обвинет поранешниот премиер, пред да разберат дека станувало збор за политички прогон, истакна Груевски.

Груевски истакна дека се работи за фабрикуван случај. Не искористувал никакво реално влијание или службена положба за да бара некој трет да превзема службени дејствија што не смее да ги изврши, со цел набавка на ново блиндирано патничко моторно возило како луксузно возило, за да наводно Груевски да го користи.

Тој праша и дали ако наместо Мерцедес Ц600 Гард се набавело некое друго блиндирано возило за претседатели и ВИП политички личности, тогаш немало да имам корист.