петок, 15. јануари 2021. Вести денес: 133
home Вести

Груевски денеска докторираше на економскиот факултет во Скопје

Груевски денеска докторираше на економскиот факултет во Скопје

Поранешниот претседател на Владата, Никола Груевски денеска на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ ја одбрани својата докторска дисертација.

Темата на докторската дисертација на Груевски е: „Економските ефекти на различните видови меѓународни текови на капитал со посебен осврт на Република Македонија“.

Ментор на Груевски му беше Проф.Д-р Михаил Петковски, а во советот за одбраната беа и Проф. Д-р Методија Несторовски, кој беше и претседавач на одбраната на докторатот, Проф.Д-р Владимир Филиповски, Проф.Д-р Љубе Трпески и Проф.Д-р Живко Атанасовски. Докторатот Груевски го запиша во 2011. година.

Одбраната на докторската дисертација траеше четири часа. Груевски околу 40 минути го бранеше својот труд, по што Комисијата даде свој коментар за трудот, но и неговата презентација.

Професорите ја пофалија докторската дисертација на поранешниот премиер, но имаа забелешка за неговата големина, посочувајќи дека трудот би требало да биде покус.

Во самата одбрана Груевски говореше дека политиката за привлекување на странски инвестиции кои ја водеше претходната Влада на ВМРО-ДПМНЕ,  предводена од него, била успешна и оти со тоа се намалил бројот на невработени во Република Македонија. Преку примери од 15 држави, со најголем фокус на Кина, која е позната по својата политика на привлекување на странски инвестиции, поранешниот премиер ја бранеше тезата дека со привлекување на странски капитал најбрзо расте економијата на една држава.

Говорејќи за влијанието на странскиот капитал, поранешниот премиер посочи дека најголеми приливи од странските инвестиции се регистрирани од 2006. до 2008. година и подоцна во 2011. година, благодарение на, реформските промени во Македонија.

По бранењето на дисертацијата Груевски околу 40 минути одговараше на десетината прашања од петчлената комисија, говорејќи за договарањата со странските инвеститори, за девизен курс и даночни олеснувања.

-Отприлика две третини од докторскиот труд се однесуваат на меѓународните текови на капиталот, во светот воопшто. Анализирани се 15 земји засебно и една третина, посебна анализа е направена и за Република Македонија како посебен предмет на интерес за нас, кои што живееме тука. Задоволство ми е што го заокружив тој процес што го започнав пред повеќе години и на некој начин го затворив тоа поглавје, што го бев отворил, а се уште не го бев затворил во меѓувреме, обземнат со многу други обврски и работа, изјави Груевски по завршувањето на церемонијата во Економскиот факултет.

Претходно, Никола Груевски Магистрираше во декември 2006. година на тема: „Странските инвестиции, економскиот раст и вработувањето“ на истиот факултет, одкако магистерскиот труд го предаде во јуни истата година.

Додипломски студии заврши во 1994. година на Економскиот факултет во Прилеп при универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола.

Груевски во минатите 20 години обавуваше високи државни функции, како Претседател на Владата на Република Македонија, Министер за финасии, Министер за трговија, Претседател на Комисијата за хартии од вредност, пратеник во Собранието, а извесен период беше и советник на министерот за финасии на Србија, преку проект на УСАИД за зајакнување на капацитетите на Министерството за финансии на Република Србија. Во моментот Груевски е актуелен пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.

Никола Груевски 14 и пол години беше престедател на ВМРО-ДПМНЕ, а по повлекувањето на последниот конгрес беше прогласен за почесен претседател на партијата.

Коронавирус