недела, 19. мај 2019. Вести денес: 67
home Вести

Грчкиот Парламент ги изгласа законите за граничните премини, денеска состанок за трговските ознаки

Грчкиот Парламент ги изгласа законите за граничните премини, денеска состанок за трговските ознаки

Комисијата за трговските ознаки и трговските имиња денеска во Солун ќе одржи прв состанок, според она што вчера го откри алтернативната министерка за надворешни работи на Грција, Сиа Анагностопулу за време на расправата во грчкиот Парламент за ратификација на законите што произлегуваат од потпишаните договори во Скопје во март и април годинава за отворање на нови гранични премини, јави дописничката на МИА од Атина.

Алтернативната шефица на дипломатијата рече дека „бизнисмените од двете страни ќе ги постават темите кои останаа нерешени се додека не се потпиша Договорот од Преспа“.

По околу 90 минутна расправа на пленарна седница, во речиси празната сала на во грчкиот парламент и по обраќањето на 10 пратеници и говор алтернативната министерка за надворешни работи на Грција, Сиа Анагностопулу, со гласовите од СИРИЗА, Река и Демократска алијанса, грчкиот Парламент ги изгласа нацрт законите за Договорите за отворање на нови гранични премини кај Маркова нога и Мајден меѓу Северна Македонија и Грција.

Нова демократија, Златна зора и Сојуз на централисти беа против, додека пак Комунистичката партија гласаше воздржано.

За двата предлог закона, присутните пратеници во Парламентот, на две посебни електронски гласања, го изразија нивниот став, кој се броеше како став на партиите.

Анагностопулу во обраќањето рече дека со договорите се гледа практичната придобивка од Договорот од Преспа, истакна дека отворањето на граничните премини било барање на локалното население.

– Не дојдоа од небо овој закон и овие договори, напротив имав голем притисок од локалното население да дојде законот пред Велигден и иако им го ветев тоа и им се извинувам, не успеавме порано бидејќи беше потребно време за законодавната постапка. Тоа беше итно барање од локалното население, објасни алтернативната МНР на Грција и додаде дека и за граничниот премин кај Преспа, локалното население уште од 1967 година кога и се затвори, барало повторно отворање.

Анагностопулу уште еднаш категорично повтори дека без Договорот од Преспа и со претходната рамката што ги одредуваше односите на двете земји не можеше да се отворат граничните премини, бидејќи таа рамка беше истата со онаа од 1959 меѓу Грција и Југославија. Таа истакна дека во грчкиот Парламент, никогаш претходно не дошол никаков закон што се однесува на двете земји, затоа што постоеше проблемот со името.

-Договорот од Преспа ги одврза рацете и на грчката држава и на Република Северна Македонија. Потребен беше овој договор, рече Анагностопулу.

Во однос на финансирањето на граничните премини, алтернативната шефица на грчката дипломатија објасни дека ќе биде од европски програми.

За Лемос кај Лерин, веќе се обврзани 4 милиони евра од програмата Интерег. 40 милиони евра останати од „Егнатија одос“ за регионот на Пела. Градоначалникот на Преспа и префектот на областа Западна Македонија дојдоа кај мене во канцеларија и ме притискаа пред Велигден да се озакони договорот, прекуграничниот премин. Ми рекоа дека периферијата ги презема потребните трошоци за да оди напред овој проект. Тоа е развоен проект и во двата случаи, и во Пела и во регионот на Лерин, рече Анагностопулу, пренесе МИА.

Пратениците во нивните петминутни обраќања ги изнесоа нивните ставови зошто ги поддржуваат или не двата договори за отворање на граничните премини.

Прв за збор се пријави одговорниот за надворешна политика во опозициската Нова демократија, пратеникот Јоргос Кумуцакос, но се премисли откако забележа дека се празни владините столчиња.

-Каде е владата? Каде е министерката?, праша Кумуцакос и рече дека ќе почека да дојде алтернативната министерка за надворешни работи, Сиа Анагностопулу.

Оној кој не сакаше да чека, беше пратеникот од Златна зора, Христос Папас, кој прв се обрати и објасни зошто тие се против договорот, велејќи дека „не постои држава со име Северна Македонија“.

Веднаш по Папас, се обрати надлежниот за надворешна политика во опозициската Нова демократија, Јоргос Кумуцакос и рече дека тие како партија не ги поддржуваат двата договори, истакна дека „билатералните односи со северниот сосед може да се развијат, тоа е прашање на политичка волја“ и додаде дека „институционалната рамка постоеше уште од Времената спогодба и постоеја на најмалку три меморандуми со практични мерки“.

-Лошо е што развојот на билатералните односи се поврзува со штетниот Договор од Преспа и секако влегува и една политичка тема – зошто сега? Што се случува? На неколку дена пред изборите, рече Кумуцакос и уште еднаш го повтори ставот дека владата се обидува да ја заглави Нова демократија.

Пратеникот од најголемата грчка опозициска партија истакна дека „Договорот од Преспа е и историски ќе остане, договор со слаб легитимитет, кој никогаш нема да го засакаат Грците“.

Јоргос Карас, пратеникот од Демократска алијанса рече дека со ладно и тешко срце, со вистинска загриженост, но со единствен критериум развој на добрососедските односи меѓу двете земји и економски развој на северна Грција, ќе ги поддржат двата договори и истакна дека тие како партија и понатаму сметаат дека договорот од Преспа е лош и неприфатен од Грците.

Пратеникот од Сојуз на централисти, Јоанис Саридис кој во говорот, за Договорот од Преспа го користеше терминот, „Договорот од езерото“, рече дека тие гласаат против предлог законите, бидејќи се поврзуваат со договорот кој тие од парламентот многу пати го имаат карактеризирано како штетен.