недела, 7. март 2021. Вести денес: 58
home Вести

Граѓански организации бараат јавен увид на нацрт извештајот за Охридскиот Регион до УНЕСКО

Граѓански организации бараат јавен увид на нацрт извештајот за Охридскиот Регион до УНЕСКО

Граѓански организации и високообразовни институции од Алијансата за застапување и лобирање „Разбистри сѐ“ бараат вклучување на јавноста во изработката на извештајот за состојбата со заштитата на природното и културното наследство на Охридскиот Регион, што Владата треба да го достави до УНЕСКО.

Како што информираат од Алијансата „Разбистри се“, 31 граѓанска организација и високообразовни институции денеска поднесоа дописи до премиерот Зоран Заев, министерката за култура и претседателка на Националната комисија за УНЕСКО Ирена Стефоска, министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, претседателот на Комисијата за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион Зоран Павлов, директорот на Управата за животна средина Џезми Салиу и до директорот на Управата за заштита на културното наследство Ацо Костов.

Во дописите организациите бараат јавен увид и спроведување на консултации со јавноста при изработката на Нацрт-извештајот за состојбата со заштитата на природното и културното наследство на Охридскиот Регион и спроведувањето на препораките од УНЕСКО, што го подготвуваат македонските владини институции.

Од Алијансата „Разбистри сѐ“ сметаат дека вклучувањето на јавноста во информирањето на Центарот за светско наследство при УНЕСКО е особено важно заради исклучително ранливата состојба во која се наоѓа Охридскиот Регион и за понатамошните активности за зачувување на најголемото природно и културно богатство.

-Според Законот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион и Архуската конвенција, владините институции се должни да го стават Нацрт-извештајот на увид на јавноста, да побараат мислење од научнообразовни установи и стручни организации во рок од најмалку 30 дена и во конечниот текст на извештајот соодветно да ги вградат добиените мислења од спроведениот јавен увид, посочуваат во соопштение.

Оттука, од Алијансата „Разбистри сѐ“ очекуваат Министерството за животна средина и просторно планирање и Министерството за култура да го објават Нацрт–извештајот на своите интернет страници, да ги информираат граѓаните и стручната јавност каде и до кога може да доставуваат коментари, како и да ги вградат добиените мислења во финалната верзија на Извештајот.

Од Алијансата „Разбистри сѐ“ исто така бараат Министерството за култура веднаш да го објави Нацрт-извештајот за Охридскиот Регион од 2020 година изготвен од Реактивната мониторинг мисија на УНЕСКО. Според Архуската конвенција, Владата е обврзана да им овозможи на граѓаните пристап до информациите поврзани со животната средина и природата бидејќи светското наследство на Охридскиот Регион им припаѓа на сите.

Алијансата за застапување и лобирање е предводена од Институтот за комуникациски студии во рамки на кампањата „Разбистри сѐ“.

Најнови вести

Коронавирус