петок, 23. октомври 2020. Вести денес: 0
home Вести

Граѓаните имаат потреба од нив, а тие стојат паркирани: Новите возила за брза помош сѐ уште не се користат

Граѓаните имаат потреба од нив, а тие стојат паркирани: Новите возила за брза помош сѐ уште не се користат

Дванаесетте возила што пред повеќе од три недели ги добија службите на Итна медицинска помош (194) сè уште не се користат. Директорите на здравствените домови не можат да ги регистрираат шесте возила што ги доби Итната помош во Скопје и останатите шест што ги добија установите во Крушево, Кичево, Крива Паланка, Берово, Струга и во Дебар. Сите чекаат да стасаат документи со кои ќе може да ги регистрираат возилата, а потоа и опрема од Министерството за здравство, објавува порталот ФАКУЛТЕТИ.

Министерот за здравство Венко Филипче вели дека веднаш ќе се ангажира да се забрза процедурата.

Набавката на возилата беше преку Министерството за здравство, а потоа на владина седница им биле доделени на здравствените домови.

Би ги користеле веднаш

Новите возила со душа ги чекаат и лекарите во брза помош и пациентите. Во Скопје се користат шест, главно амортизирани возила, или практично на пациентите им се помага со дел од оние што здравствениот дом ги доби уште во 2012 година.

-Документите ги очекуваме секој ден. Штом ќе стасаат, ќе се спроведе регистрацијата. Колку што знам, процедурата е завршена на седница пред две недели, сега треба уште административниот дел да се доврши, вели д-р Злате Мехмедовиќ, директор на Здравствен дом – Скопје.

Набавените возила немаат медицинска опрема, но дефибрилатор, ЕКГ, респиратор, сет за имобилизација, носилка, чанта со медицински материјали… треба да се распределат од донација преку Министерството за здравство.

-Доколку тоа не се случи за брзо време, ние можеме да префрлиме опрема од старите возила, па така и веднаш би ги користеле, вели д-р Мехмедовиќ.

Д-р Зорица Манчевска-Трајчулеска, директор на Здравствен дом – Крушево, исто така вели дека чекаат документи за регистрацијата.

-Ние имаме едно комбе кое е јапонска донација и го користиме, но неопходно ни е ново возило. Во регионот има постара популација на која ѝ треба помош. А знаете дека овде се практикуваат оние т.н. адреналински спортови, како параглајдерство. Минатата година, за жал, имаше 4 смртни случаи. Сакам да кажам дека мора да бидеме подготвени за да помогнеме доколку се случи нешто, вели Манчевска-Трајчулеска.

Целата анализа, прочитајте ја на ФАКУЛТЕТИ.

Коронавирус