сабота, 24. октомври 2020. Вести денес: 106
home Вести

Градинките отворени, короната ги напаѓа најмалите, родителите бараат одговорност од власта

Градинките отворени, короната ги напаѓа најмалите, родителите бараат одговорност од власта

Градинките започнаа со работа на 9-ти септември, а веќе има четири случаи на деца заболени од КОВИД-19, едно од Скопје и три од Струмица. Заразени се и две негователки во Куманово и Битола. Одговорност за пропустот по градинките кој ќе сноси? Дали Филипче и Шахпаска ќе одговараат бидејќи набрзина ги втурнаа децата во жариште, без притоа да се направи скрининг на вработените по градинките.

Родителите пред отворањето на градинките беа приморани да потпишат документ каде што градинките се оградуваат од одговорност ако детето се зарази од КОВИД-19.

„Не сум приморан да го носам детето во детска градинка и решението да го носам е во целост лично мое“. Оваа реченица од изјавата со право многу ги разлути родителите, но некои од нив немаа избор и ја потпишаа истата. Тие деновиве при запишувањето на децата во градинките добија лист за изјава со 17 потточки.

БЕЗ СЛУХ

По реакцијата на родителите, министерството за труд и социјална политика се огради од изјавите кои ги потпишуваа родителите, и велеа дека тоа е политика на секоја градинка посебно, не е политика на министерството. Од Министерството за труд и социјална политика велат дека градинките сами одлучуваат што ќе побараат од родителите.

„Согласно протоколот, секоја градинка како посебен правен субјект носи свои акти за работење во време на пандемијата, кои треба да бидат усогласени со протоколот. Родителот/родителите пред повторно да го вклучи детето во градинката потребно е да достави потврда од работодавец дека работните задачи задолжително мора да ги извршува на работното место и да обезбеди лекарска потврда од матичен лекар за здравствената состојба на своето дете. Секоја градинка сама одлучува што дополнително ќе побара од родителите“, се вели во соопштение на министерството.

Владата потенцира дека внимателно ја следи состојбата на терен и во зависност од потребата ќе носи одлуки што се во интерес на граѓаните и на државата.

(НЕ)ПОДГОТВЕНИ

Доктор Андон Чибишев во едно телевизиско интервју посочи дека пред отворање на градинките требаше да се изврши скрининг укажувајќи дека тоа е голем пропуст на оваа влада и оти поради овој пропуст е загрозено здравјето на децата и вработените исто така.

„Тестирања требаше да има и сега меѓу вработените, дополнително затоа што вирусот и се повторува“, посочи Чибишев укажувајќи дека ова е сериозен проблем затоа што многу лица немаат кој да им ги чува децата, а тешко е и да работат од дома. Според него токму поради ова и поради фактот што ова брзо нема да помине мораше да се организира системот.

„Училиштата и градинките не треба да се отворат, бидејќи децата се најголемите преносители на вирусот“, посочи за една телевизија епидемиологот Драган Данаиловски.

„Не знам како тоа ќе изгледа, децата да носат маски 4-5 часа, тоа е малку илузорно. Се плашам дека тоа нема да успее. Две студии се објавени деновиве – всушност се уште не се објавени туку се дадени како ракопис – и едната вели дека децата до пет години имаат 10 до 100 пати повеќе вируси во носните патишта. Тоа е студија од Чикаго“, вели Данаиловски.

На сето ова реагираше и опозициската ВМРО-ДПМНЕ која што укажуваше дека власта не може да ги отвори градинките без да се изврши скрининг на вработените. Градинките не треба да се отворат додека не се обезбедат услови во градинките за да не се доведе во опасност здравјето на најмалите. „Жалиме што овој период од 6 месеци наназад владата не го искористи за подобрување на условите и капацитетите на детските градинки за згрижување на најмладите и истите не ги приспособи за работење во услови на пандемија, ниту просторно ниту во поглед на човечки ресурси“, истакна на прес конференција Благица Ласовска, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и Коалиција „За обнова на Македонија“.

Власта не ги дослуша до крај експертите и се избрзаа со отворање на градинките. Градинките се отворија без скрининг на вработени, а тоа ја зголемува повеќе можноста за поголема застапеност на вирусот КОВИД-19 внатре по градинките. Во опасност се изложени вработените, но и најмалите, а со тоа се потврдува со што за нецели две недели има четири деца позитивни на вирусот.

Коронавирус