петок, 27. ноември 2020. Вести денес: 140
home Вести

Годинава 41 нов случај на ХИВ заразени, сите се мажи

Годинава 41 нов случај на ХИВ заразени, сите се мажи

Во Македонија од 1987 досега се регистрирани 400 случаи на ХИВ. Од регистрираните случаи 339 (86 отсто) се од машки пол а 54 (14 отсто) се од женски пол.

Во 2018 досега се регистрирани 41 нови случаи на ХИВ, од кои сите се од машки пол. Возраста на новите случаи се движи од 21 до 51 година, a 82 отсто од случаите се на возраст од 20 до 39 години, од кои по 17 случаи на возраст од 20-29 и 30-39 години. На возраст од 40-49 години биле 6 случаи и еден во возрасната група од 50-59 години.

Според начинот на пренос, 78 проценти од случаите се мажи кои имале секс со мажи, 7 лица пријавиле хетеросексуален начин на пренос, а за едно лице не се знае начинот на пренос.

Овие информации беа објавени по повод одбележување на 1 декември – Светски ден на борба против ХИВ/СИДА.

Годинава во рамки на Програмата за заштита на населението од ХИВ инфекција се обезбедени 37 милиони денари за антиретровирусна терапија и 52 милиони денари за превенција и за рано откривање на ХИВ инфекцијата. Во Програмата се вклучени Министерството за здравство, Клиниката за инфективни болести, Институтот за јавно здравје и центрите за јавно здравје, како и 15 здружениja на граѓани, кои дејствуваат во десетина градови низ државата.

– Република Македонија оваа година беше препознаена, не само во регионот, туку и во глобални рамки, како земја пример за успешно партнерството помеѓу Владата, институциите и граѓанскиот сектор во справувањето со еден комплексен проблем како што е ХИВ инфекцијата, согласно препораките на Обединетите нации. Продолжуваме континуирано да работиме да ги унапредиме и другите аспекти во однос на ХИВ инфекцијата – потенцираше министерот Венко Филипче, а воедно ги повика граѓаните да се тестираат, имајќи во предвид дека тестирањето е доброволно, доверливо и бесплатно во Клиниката за инфективни болести, центрите за јавно здравје и граѓанските организации кои работат на полето на ХИВ.

Националниот координатор за ХИВ, д-р Милена Стевановиќ потсети дека антиретровирусната терапија која е неопходна за лекување на ХИВ инфекцијата е бесплатна за секој пациент на Kлиниката за инфективни болести.

– За успехот на третманот на ХИВ, покрај важноста на навременото откривање и почнување на терапија огромен удел има и придржувањето до лековите и нивно навремено земање. Постигнати се одлични резултати во однос на започнување со антиретровирусна терапија и постигнување на вирална суспресија, дури 88% од луѓето што се дијагностицирани се на антиретровирусна терапија, а дури 94% од оние што се на терапија имаат супримиран вирус во крвта – истакна д-р Стевановиќ.

– Нè загрижува фактот дека значителен процент од луѓето со ХИВ не се свесни за својата ХИВ-инфекција. Тоа значи и дека значителен број од новите случаи се откриваат во напреден стадиум на инфекцијата. Убедени сме дека со уште поголем напор на сите вклучени во Програмата, Република Македонија сепак може до 2020 година да се приближи до целта 90% од проценетиот број на лица инфицирани со ХИВ да бидат дијагностицирани. Во денешно време е неоправдано да се плашиме од ХИВ-тестот, а уште повеќе од луѓето што живеат со ХИВ – истакна Андреј Сених, извршен директор на Здружението за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ – ЗАЕДНО ПОСИЛНИ Скопје.

Коронавирус