недела, 13. јуни 2021. Вести денес: 95
home Вести

Главните регионални патишта во Пелагониско се проодни за сите возила

Главните регионални патишта во Пелагониско се проодни за сите возила

Главните регионални патишта во Пелагониско се проодни за сите видови возила и нема проблеми, велат од секцијата на „Македонија пат“. На патниот превој Плетвар укината е забраната за тешките товарни возила што беше проблем за големите превозници.

Според Сашо Цветкоски, раководител на секцијата на „Македонија пат“ во Прилеп, има доволно материјал и опрема да се одржуваат патиштата.

– Главните регионални патишта се целосно проодни за сите видови возила. На превојот Плетвар укината е забраната за тешките товарни возила, во ред се регионалните патни правци за Битола и за Македонски Брод. Имаме доволно материјал и возила да ги одржуваме. Очекуваме во текот на денов да почне расчистувањето на патот за Мариово, изјави Цветкоски.

Проблемите со снегот ги почувствуваа и во регионалното училиште „Круме Волнароски“ во Тополчани. Преку 180 ученици од 12-ина села посетуваат настава со физичко присуство, но денеска за 50-тина од нив наставата се префрли онлајн, од дома. Јасмина Караниколова рече дека очекува утре сите да стигнат во училишните клупи.

-Поради снегот, не беа чисти и прегледни патиштата, така што учениците од Бонче, Крушевица и од Штавица не беа дојдени, но со насоки од класните раководители од вчерашниот ден, ја следат наставата онлајн. Од 181, денеска имавме присутни 130 ученици, а 51 ученик беа на онлајн-наставата. Истата ситуација е и со учениците од селата Алинци, Загорани и Клепач. Од утре сите ученици ќе ја продолжат наставата со физичко присуство и превозниците се задолжени безбедно да ги превезуваат. За ова го известивме Министерството за образование, рече Караниколова.

Надлежните апелираат за внимателност во сообраќајот поради ниските температури и голомразицата. (МИА)

ЕУРО 2020

Македонија