недела, 27. септември 2020. Вести денес: 108
home Вести

Гласен Текстилец: Делчевска конфекција исплатила износ под минимална плата на вработени кои користеле мерки за време на пандемијата

Гласен Текстилец: Делчевска конфекција исплатила износ под минимална плата на вработени кои користеле мерки за време на пандемијата

Вработени во приватна конфекција во Делчево кои користеле мерки во време на пандемијата добиле паричен надомест под минималната плата за периодот додека траеле мерките.

Во објавата на својот Фејсбук профил од ,,Гласен текстилец” соопштија дека на удар на работодавците биле бремени, хронично болни и родители на деца до 10-годишна возраст.

-По добиени сознанија за конфекциите Крзно и Крзно Делчево за исплата под минимална плата за вработени кои користеле мерки во време на пандемијата Гласен Текстилец поднесе барања за инспекциски надзор до надлежниот Трудов инспекторат за корекција на плата. По извршениот инспекциски надзор, инспекторка од областа на трудот го задолжи работодавачот на двете гореспоменати фирми да направи корекција на плата за вкупно 21 лице кои ги користеле мерките од Владата, се вели во објавата на  Гласен Текстилец.

Против работодавачот, како што стои во понатамошниот текст издадено е решение и дадена наредба да се направи корекција на плата со рок од 10 дена.

-Ова е доказ за уште една успешна соработка меѓу Државниот трудов инспекторат и Гласен Текстилец во насока на заштита на работничките права во време на оваа криза од Ковид -19, се вели во продолжение од објавата на здружението.

Оттаму додаваат дека овој период,  вработените од приватниот сектор биле први на удар, при што меѓу најранливите категории вработени се бремените жени, хронично болните и мајките на деца до 10 години.

Од здружението додаваат дека  внимателно ќе продолжат да ги следат состојбите, при што со правна помош и поддршка ќе се обидат да им помогнат на сите кои ја бараат нивната помош. (МИА)

Коронавирус