сабота, 23. јануари 2021. Вести денес: 66
home Вести

Ѓорѓиевски: Спасовски и функционерите од МВР кои се фотографираат со убиецот мора да понесат одговорност

Ѓорѓиевски: Спасовски и функционерите од МВР кои се фотографираат со убиецот мора да понесат одговорност

Безбедноста на граѓаните е драматично нарушена! Полициските службеници наместо да ги штитат од криминал и од закани, сведоци сме дека некои од нив вршат најбрутални убиства какви што не се паметат во македонската криминологија. За жал, раководството на МВР спие и нема оперативни информации и не може да го превенира дури ни криминалот на кој што се оддале одредени поединци. Дали е тоа заради фотографиите кои што ги имаат со актуелниот врв на министерството или политичките врски, треба да одговори најодговорниот, министерот Оливер Спасовски. Наместо одговор тој одлучува да го набедува ВМРО-ДПМНЕ и не зборува за поврзаноста на неговиот заменик со убиецот. Замижувањето пред фактите нема да ја врати безбедноста на граѓаните. Напротив испраќа порака дека со фотографијата со функционери од СДСМ или ДУИ има дозвола за убиство, изјави на прес-конференција Орце Ѓорѓиевски член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и додаде:

„Со умисла да се убие човек и потоа да се запали неговото тело, може да биде резултат само на еден нарушен ум. Оваа вест ќе беше вознемирувачка, доколку сторителот беше некој психопат или сериски убиец, но вака е вистински шок.Буквално сите се вознемирени како е можно вакви луѓе да имаат позиции во полицијата и да се фотографираат и уживаат најголема поддршка од највисоките функционери во министерството, вклучувајќи и јавни обвинители. Само Оливер Спасовски мува не го лази околу случувањата во МВР. Затоа Спасовски мора да си даде оставка. МВР мора да одговори дали имале информација за незаконски дејствија од страна на полицискиот службеник пред да изврши брутално убиство и како постапиле? МВР исто треба да одговори и доколку немале информација зошто немале и кој ќе преземе одговорност? МВР треба да одговори и дали полицискиот службеник кој што е свиреп убиец имал психичко нарушување и дали политичките врски му помогнале да ги помине здравствените прегледи?“

Ѓорѓиевски додава дека залудно е Оливер Спасовски да се обидува да ја убедува јавноста дека е нормално полициски службеник да застрела човек и потоа да го запали.

-Овој случај покажува на кое дереџе е доведено МВР и какви се луѓе добиле овластувања да носат пиштол и друг вид на огнено оружје. Оливер Спасовски за ова мора да понесе одговорност. Бегање од одговорност не смее да има. Одговорност мора да има и од Нухиу, кој е сликан со убиецот. Дали ОЈО ќе го повика Нухиу да ги објасни фотографиите. Спасовски молчи и исто не ни коментира ни дали се сретнал со Артан Груби и  Агим Нухиу за да ги праша дали и какви се нивните врски со убиецот. Додека МВР лаже дека законот важи подеднакво за сите, нашите граѓани ја плаќаат цената со сопствените животи. Затоа се исплашени. Време е Спасовски да си се посвети на неговата политичка определба и срамен ангажман за промена на името и да остави професионалци во МВР да ја водат работата. Спасовски мора да понесе одговорност. Оваа хаотична ситуација е директна последица од неговата неспособност. СДСМ мора да си замине, додаде Ѓорѓиевски.

Коронавирус