среда, 28. јули 2021. Вести денес: 178
home Вести

Ѓорѓиевски: Со овој неуставен и штетен закон, без постоење на реална потреба се наметнува двојазичноста во Македонија

Ѓорѓиевски: Со овој неуставен и штетен закон, без постоење на реална потреба се наметнува двојазичноста во Македонија

Владејачкото мнозинство на сила и без почитување на правото на амандманска расправа го донесе неуставниот закон за двојазичност, кршејќи го Уставот, законот и Деловникот на Собранието на Република Македонија, истакна на денешната прес-конференција членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски.

– Со овој неуставен, неприменлив и штетен закон, без постоење на реална потреба се наметнува двојазичноста на целата територија на Република Македонија. Со овој закон се предвидува и двојазичност на парите, ковани и книжни, но и на униформите на полицијата, пожарникарите  и здравствените работници. Овој закон е во целосна спротивност со Уставот и амандманите 5 и 8 од истиот. Овој закон ја загрозува унитарноста на државата и единството на полицијата, како орган, вели тој.

Ѓорѓиевски посочува дека ова е сосема спротивно од ветувањата на Зоран Заев дадени пред македонската  јавност и претседателот на државата Иванов, а искажани од партиска прес конференција на 10 март 2017 година, на која Заев кажа дека уставните експерти кои ги консултирал му укажале дека двојазичноста на парите и униформите е спротивна на уставните одредби.

-Заев вети, Заев излажа. Со новиот закон за двојазичност парите, ковани и книжни ќе бидат двојазични. Двојазични ќе бидат и униформите на полицијата, пожарникарите и здравствените работници. Заев ги излажа македонските граѓани и претседателот Иванов кој му го даде мандатот. Законот за двојазичност е неуставен, тоа го потврдија и експертите по уставно право а и претседателот на нашата држава. СДСМ наместо интересите на државата и граѓаните, на преден план ги стави коалициските интереси. Владејачкото мнозинство не ги испочитува забелешките на претседателот Иванов, за неуставноста на законот за двојазичност. СДСМ и ДУИ се ставија над Уставот. Оттука чекорот на претседателот Иванов да не го потпишува указот на законот за двојазичност е државнички потег и единствено очекуван потег кога се крши Уставот и се дерогира правото, посочи членот на ИК.

Ѓорѓиевски вели дека ВМРО-ДПМНЕ не го признава овој закон и никогаш нема да го признае овој неуставен закон.

-ВМРО-ДПМНЕ потенцира дека за ова флагрантно кршење на правниот поредок на државата одговорност ќе има. ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе интерпелација и кривична пријава против Талат Џафери, кој ја узурпираше функцијата претседател на Собранието на Република Македонија, нагласи тој.

Коронавирус