четврток, 29. септември 2022. Вести денес: 102
home Вести

Ѓорѓи Крстевски го повика Заев да не дозволи укинување на одлуки донесени со Закон

Ѓорѓи Крстевски го повика Заев да не дозволи укинување на одлуки донесени со Закон

Пејачот и композитор Ѓорѓи Крстевски го повика премиерот Заев да не дозволи укинување на одлуки донесени со Закон!

Откако министерот за култура Роберт Алаѓозовски најави дека ќе го укине доделувањето на субвенции за поттик на домашната музичка продукција, музичарите најавија тужба. Со тужбата ќе бараат доследно почитување на законот и да им се исплатат парите. И додека јавноста го критикува овој закон и политичарите кои го донеле овој закон, музичарите кои останаа без субвенциите реагираат дека им е нанесена штета, не само нив, туку и општо на македонската музика.

Еден од многуте музичари кои останаа без државна помош за домашни композиции е и поп пејачот, автор и композитор Ѓорѓи Крстевски. Неговото име често се спомнуваше кога беа субвенциите во прашање. Тој за ,,Фокус’’ раскажува за тоа колку субвенции добил и колку пари потрошил за снимање на песни и спотови, за плаќањето на огромни хонорари на пејачите од соседството кога ни гостуваат, но и за обвинувањата дека пејачи кои добивале субвенции се партиски послушници.

-Сакам јавно да апелирам и да го повикам премиерот лично да се заангажира за оваа апсурдна ситуација каде се укинуваат одлуки донесени според ЗАКОН, каде стотици изведувачи и автори се труделе, трошеле време и пари со години, за магично преку ноќ бидат укинати одлуки и авторите и изведувачите бидат измамени и оставени на цедило. Згора на тоа јавно плукани и со сериозни обиди за нарушување на нивниот углед кој со години макотрпно го граделе – изјави за ,,Фокус’’ Ѓорѓи Крстевски.

По јавно упатените прашања до медиумите, тој се осврна на трошењето на субвенциите, односно даде свое појаснување колку од добиените пари им остануваат на музичарите, откако ќе ја снимат песната, односно спотот.

– Прво и основно, на 3.000 евра одобрени средства одземете персонален данок и ДДВ. Остатокот од околу 2.100 тина евра се расположливи средства со кои изведувачите треба да реализираат спот и песна. Значи реално и во пракса не се 3.000 , туку 2.100 евра, кои се делат за музика, текст, аранжман, снимање, миксање, продуцирање, студиски трошкови, инструменталисти (тамбураши, армоникаши, виолинисти, гитаристи), пратечки вокали, спот (камера, режија, сценарио, монтажа, локации, логистика, гардероби, стајлинг, дрон, дневници, кетеринг, патни трошкови, итн…)

Второ, и во случајов најважно! Во Законот е предвидено да се конкурира со готова или демо песна, што подразбира музика, текст, аранжман и горе-долу сите претходно набројани ставки, освен спот. Што значи изведувачот и авторите самите инвестираат огромни пари и многу време за да може да конкурираат согласно Законот! На тоа додадете 1.000 денари средства за обемна документација, нотарски и останати трошоци по песна за конкурс. Е сега, имаме ли претстава колкава е штетата и неправдата што се нанесува на изведувачите, авторите, и сите инволвирани страни кои инвестирале СОПСТВЕНИ средства за да конкурираат, со поништување на 5 квартали каде претпоставувам се стигнати 500 -тина и повеќе песни ??!! Знам, лесно е во ова конфронтирачко и фрустрирачко време да запалиш нечии страсти, со надуени суми, со пола вистини, со помпезни наслови какви се начитавме периодов, но вистината е друга и ајде да ја погледнеме сликовито, реално и практично – појаснува музичарот.

Тој открива дека за три години, ако се одбијат даноците, добил 12.500 евра државни пари за музика, сума за која тврди дека пејачки од соседството кај нас ја заработуваат за еден настап.

– Како изведувач имам конкурирано скоро на сите конкурси, одбиен сум сигурно над 20 пати, а за 3 години исплатени ми се 6 песни и спотови, и бидејќи сите ги интересира само колку тоа значи во пари, еве, околу 12.500 евра расположливи средства, кога ќе се одбијат даноците. Е сега, ако еден докажан уметник во МК кој оставил зад себе успешни албуми, безброј хитови, концерти, се става на ѕидот на срамот за 12.500 евра за кои треба да изработи музика, текстови, аранжмани и спотови за 6 песни, а некоја второкласна певаљка од соседството ќе дојде и за 1 настап и 6 часа сосе пат ќе земе исто толку пари што некој газда ќе и ги тупне, во кеш се разбира, каде нашата младина еуфорично ќе се просељачува и на тоа никој нема да реагира ниту од медиумите ниту од државата, тогаш оваа наша напатена земја има сериозен проблем.

За обвинувањата дека пејачите кои што добивале субвенции се партиски послушници, тој вели дека тоа е апсолутно неточно. Според него, некоректни се обвинувањата дека сите што добивале субвенции биле партиски послушници и слично.

-Знам многу пејачи и автори кои добивале, а кои немаат никаква врска со политика. Што се однесува за мене лично, мислам дека е смешно било што да кажам на таа тема кога сите знаете дека никогаш немам пеено ниту за една ниту за друга политичка партија. Дека ниеден мој сингл, спот, проект, ниеден од моите 3 албуми, ниеден концерт, не е поддржан од ниту една влада, или државна институција. А, имам конкурирано. Дека многу пред времето на субвенции самостојно и секако со сопствени средства ги снимив песната и спотот – “Моја Македонија “, дека самостојно и без никаква владина или било каква спонзорска помош ја реализирав во 2008 година велосипедската тура под мотото „Моето име е Македонија” возејќи низ 15 градови во државава, каде во Струмица плакетата со мотото му ја предадов на сегашниот премиер Г-нот Заев, тогашен градоначалник.

Според Крстевски не е точно дека песните нигде ги нема и не се слушаат. Многу субвенционирани песни и спотови на МАКЕДОНСКИ јазик се вртеле на Балканика, МТВ Адриа вели тој.

-”Еве ме пак” која ја изведува Александра Јанева е субвенционирана песна на која јас сум автор и беше меѓу најголемите хитови последните 2 години, со речиси еден милион прегледи. Многу млади и квалитетни изведувачи добија шанса што никогаш немаше да ја добијат – да снимат песна и спот. За субвенционирана песна ‘Ти победуваш’ е снимен спот на 4 локации во Америка – колку за тоа се додадени СОПСТВЕНИ средства, колку време е изгубено, колку логистика треба, сигурно не мислите дека за 1.100 евра е возможно тоа, нели?
Тоа што ние немаме музичка телевизија и музички емисии, тоа што радијата повеќе милуваат да пуштаат странска и балканска музика е друга тема и друг муабет!

Исто како и претседателот на комисијата која одлучува по конкурсите за доделување на поддршката, Коста Карев, и Крстевски се согласува дека законот има недостатоци кои многу луѓе ги злоупотребиле, но смета дека не треба сите да се ставаат во ист кош.

Најнови вести

Коронавирус