среда, 20. октомври 2021. Вести денес: 47
home Вести

Ѓорчев: СДСМ го носи неуставниот Закон за јазици за да остане на власт, а Македонија ја плаќа сметката за тоа

Ѓорчев: СДСМ го носи неуставниот Закон за јазици за да остане на власт, а Македонија ја плаќа сметката за тоа

Законот за јазици е донесен исклучиво само СДСМ да дојде на власт, преговаран е и напишан набрзинка, за да онаа гарнитура која што ги изгуби изборите да состави влада, додека Македонија ја плаќа сметката за тоа, изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Влатко Ѓорчев во „Само вистина“ на Канал 5 телевизија.

– Кога пратениците на СДСМ одеа во предизборна кампања не го ветуваа овој Закон за јазици во Крива Паланка, во Берово во Пехчево, во Повардарието и во еден куп општини во Република Македонија. Едно се зборуваше пред еден аудиториум, друго пред друг, рече Ѓорчев.

Тој потенцираше дека ВМРО-ДПМНЕ предлага да се повлече законот и да се формираат работни групи, да седнат политичките партии, да се вклучат луѓе од МАНУ, јазичари, професори.

Тој додаде дека за овој Закон за јазици нема речиси ниту еден експерт по уставно право кој што ќе рече дека е добар, треба да се изгласа и е во согласност со Уставот и прописите во Република Македонија.

– Ние имавме 80 амандмани на првото и на второто читање, ни еден не беше прифатен. Венецијанската комисија рече дека не е тоа пратено кај нив, после тоа им велат пост фестум ќе го пратат на што цела Европа им се смее. Јоханес Хан дојде тука и рече ова не е приоритет за Европската Унија, повлечете го законот. Го повлекоа, но за да ја спасат коалицијата мораа пак да го поднесат, вели Ѓорчев.

Во врска со преговорите за влада помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ тој нагласи дека ваков каков што е законот апсолутно не било договорен помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ и затоа ДУИ со СДСМ отиде во коалиција затоа што СДСМ рекоа дека даваат уште повеќе, затоа што СДСМ нема црвени линии за ништо.

– Албанците први ќе се разочараат од СДСМ, затоа што нема канализација во Арачиново, нема намалување на загадувањето во Тетово, абер немаат да донесат фабрика во Гостивар, нема нови вработувања во Чаир. Не се испорачува она граѓаните етнички Албанци легитимно го бараат за подобрување на нивниот живот, истакна пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ.

Локални избори 2021