сабота, 19. септември 2020. Вести денес: 0
home Вести

Героски: Заев опасно етикетира новинари – не му е прв пат и нема да му биде последен

Героски: Заев опасно етикетира новинари – не му е прв пат и нема да му биде последен

Слушам и се восхитувам. Зоран Заев измислил нов термин во теоријата на медиумите. „Контравладини медиуми“. Па вели: „Граѓаните во демократијата се тие коишто на крајот оценуваат дали вие, контравладините медиуми, сте во право, или во право сме ние како актуелна влада“, пишува новинарот Бранко Героски во својата најнова колумна.

Во продолжение Ви пренесуваме дел од колумната на Бранко Героски.

Во името на „вие контравладините медиуми“ овој пат на тапет се младиот новинар Фуркан Салиу и неговата телевизија Клан, додека во името на „ние како актуелна влада“ говори човекот кој со месеци не е премиер и нема никаква формална улога во техничката влада на Оливер Спасовски. Уште една во низата Фројдовски грешки на Заев…

За него, владата е центар на универзумот. Сите кои ја поддржуваат и ја обожуваат, во право се. На вистинската страна се. Опкружен со армија медиумски апологети и „мотивирани“ ботови на социјалните мрежи, самонабедениот демократ и несуден добитник на Нобеловата награда за мир, во себе и околу себе произведува сė поопасна нетрпеливост кон новинарите и кон медиумите кои го критикуваат и кои му го оспоруваат монополот над вистината.

Нив Заев ги нарекува „контравладини“. Сė што не е провладино, мора да е „контравладино“. Ако има про, мора да има и контра. Ако има банда, мора да има и контрабанда. Сите кои не дозволуваат владината пропаганда да им го испере мозокот се означени како „контраши“. Иако тоа можеби и не се. Сега и младиот Фуркан Салиу е маркиран како таков и затоа тој со право го опоменува лидерот на СДСМ дека етикетира новинари.

Пред нешто повеќе од една година, Заев и мене јавно ми залепи етикета. Пишував за големата рекетарска афера, која доби и судски епилог. Ме нарече „суетен новинар“. Проблемот не беше во зборот суетен – Заев има мака со семантиката, тој веројатно и не го разбира значењето на тој израз – туку во очигледната намера на лидерот на СДСМ да ме омаловажи. Се сеќавам, тој и тогаш рече дека нема да дозволи еден суетен новинар и еден педер да му ја урнат владата. Која ја доживува како свој приватен универзум, да не речам како своја прчија. Целта не беше само да ме омаловажи, туку да ме маркира метата за нападите на неговите питбули во медиумите и на социјалните мрежи. Напади имаше и пред таа етикета, но нејзиното лепење значеше дека песовите се одврзани и нас’скани. И денес реват и штракаат со нивните неуморни вилици.

Целата колумна на Героски можете да ја прочитате на Плусинфо.

Коронавирус