недела, 17. јануари 2021. Вести денес: 0
home Вести

Героски: Ваквите толкувања на историјата од страна на Заев и оспорувања на самобитноста на Македонија и на Македонците нема да поминат ни во СДСМ

Героски: Ваквите толкувања на историјата од страна на Заев и оспорувања на самобитноста на Македонија и на Македонците нема да поминат ни во СДСМ

Откако утринава (среда, 25 ноември 2020 година) го прочитав интервјуто на премиерот Зоран Заев за бугарската агенција БГНЕС, го замолив сопственикот, мојот колега и пријател Љубчо Нешков, да ми дозволи Плусинфо да го пренесе во целост. И така, со љубезноста на Нешков, македонската јавност доби одлилчна можност изворно и детално да се запознае со некои ставови на Заев за актуелните односи меѓу Македонија и Бугарија, особено сега, по софиското вето на одлуката Европската унија да ги почне преговорите со нашата земја, пишува во својата колумна новинарот и уредник на Плусинфо Бранко Героски.

Првата работа што може да се заклучи од овој настап на Заев влијателен бугарски медиум е видливиот напор на македонскиот премиер да демонстрира големо пријателство кон Бугарија, кон бугарскиот народ и кон бугарскиот државен врв и да ги санира последиците од антимакедонската пропаганда во Софија и од антибугарската пропаганда во Скопје, кои бликнаа во најчувствителниот период пред Берлинскиот самит. Тој напор секако е за почит. Заев, употребувајќи комични термини од типот на „длабоката држава“, се потрудил вината на македонска страна да ја префрли на опозицијата и на ВМРО-ДПМНЕ, очигледно заборавајќи на жестокиот говор на омраза на перјаниците на провладината пропаганда во Скопје.

Но, треба да се заборават тие грди работи. И не мислам дека тие експликации се клучниот проблем во интервјуто на Заев. Пожарот не е изгаснат, а човекот реално е единствениот овластен „пожарникар“, веројатно со искрена намера да го изгаси. Само, таа негова ролја мене воопшто не ме импресионира. На пример, ништо не ми значи неговото фалење како за 30 минути, тој и министерот Никола Димитров, практично го „егзекутирале“ новинарот Зоран Иванов, поради онаа негова навреда за министерките Захариева и Бакојани на Фејсбук. Секако, го осудувам гестот на Иванов, неизоставно мислам дека и без тој гест нему не му е местото во некаков одбор во МИА, но Заев би требало да знае дека сопружниците Чаушеску, на пример, пред да бидат стрелани, добија право на 40-минутно „судење“. Реално, тоа е 10 минути повеќе право на одбрана одошто добил Зоран Иванов.

Велам, овие маргинални прашања и таа нагласена „пријателска“ реторика на Заев не ме импресионираат, но не ме ни разочаруваат. Тоа е Заев, кој го знае, јасно му е. Она за што сериозно треба да размислуваме сите ние, како обожавателите така и критичарите на лидерот на СДСМ, се некои прилично сомнителни тези во неговиот исказ, тези кои ги подгреваат сомнежите дека оваа влада можеби навистина подготвува едно посериозно ретуширање на македонската историја и опасно оспорување на некои битни аспекти на идентитетот и на државотворноста на македонската нација.

Со резерва дека Заев се изразувал недоволно артикулирано (пак), а можеби и дека преводот на Плусинфо не е најпрецизен, би сакал да прокоментирам некои негови тези, за кои сметам дека се и спорни и опасни.

Прашањето за тоа како ќе се дефинира македонскиот јазик во официјалната комуниакција и во документите на ЕУ изгледа не било сериозно на дневен ред во интервјуто. Освен што Заев ја фали Софија, па вели: „Бугарија многу често нагласува дека ја препознава реалноста дека Македонците и македонскиот јазик постојат“. Тоа е полувистина. Ставот на официјална Софија е познат – Македонците, Македонија како држава и македонскиот јазик постојат од 1945 година, државата ни е „коминтерновска творба“, а јазикот ни е преработен „бугарски дијалект“. Со други думи, пред да станеме Македонци, ние сме биле Бугари. Заев не ги коментира овие позиции на бугарската страна во преговорите и со тоа демонстрира недозволива слабост и снисходливост.

Од друга страна, тој воодушевено зборува за улогата на Гоце Делчев. Оној што, ако го немало, требало да го измислиме, нели. Вели Заев: „Гоце Делчев е револуционер и за Бугарите и за Македонците, кои се бореа за слободата на Македонија и регионот на Одринско“. Во ред, да е само тоа, јас лично би го потпишал овој став како сопствен. Но, Заев не се спротивставува на правото на Бугарија Гоцета Делчев да го означи како етнички Бугарин. Ајде една еретичка мисла, во име на затворањето на тешкиот спор: да речеме дека не би ни морале да се трудиме да се бориме со Бугарите за тоа како тие етнички ќе си го обојуваат човекот кој целиот свој живот се борел за Македонија. Но, Зев не ја отстранува ни дилемата дали Македонија би прифатила обврска во историските учебници да запише дека Делчев бил Бугарин. Колку што мене ми е познато, тоа е прилично цврста преговарачка позиција, од која Софија нема лесно да отстапи.

Повеќе прочитајте на Плусинфо

Коронавирус