среда, 20. јануари 2021. Вести денес: 0
home Вести

Героски: Единствена константа во политиките на Заев се неговите чести промени на ставовите

Героски: Единствена константа во политиките на Заев се неговите чести промени на ставовите

Некако, веќе се навикнавме на честите промени на ставовите на другарот Зоран Заев. Во принцип, јас за тоа не му замерувам. Барем не премногу. Го запознав како опозиционер и уште тогаш сфатив дека наспроти неговата често изговарана крилатица „зборот си е збор“, Заев сепак не е политичар со формат да разбере што сакал Черчил да каже кога рекол дека ставот е мала работа што прави голема разлика. Едноставно, на лидерот на СДСМ не му е непријатно да ги менува ставовите, ако тоа му овозможува политички опстанок и придобивки, пишува Бранко Героски во својата најнова колумна.

Велам, можам да најдам разбирање за таа негова незгодна навика. Во крајна линија, ние луѓето не сме магариња, па да не ги менуваме ставовите. Се менуваат околностите, се случуваат драматични промени во животот, бесмислено е човек упорно да се обидува да урне ѕид со глава. Понекогаш е доблест да се признае и слабост и грешка, да се тргне во друга насока.

А тоа на Заев во овие три години на власт му се случуваше често. Пречесто…

Се сеќавате на преговорите со Грција и на Преспанскиот договор. Во неговата карактеристична поза „зборот си е збор“ – невин поглед и раширена дланка положена врз срцето – Заев ветуваше дека нема да се менува уставното име, дека преговара само за име за надворешна употреба. Па уште оние мелодрамски реплики – додека сум жив, додека дишам… И на крајот, излезе дека нуждата сепак го менува законот. Во крајно неповолни околности, Заев го промени ставот, прифати ново име и за домашна употреба и потпиша.

И јас, да бидам искрен, отфрлав компромис што би значел ново службено име за внатрешна употреба. Ама кога работата дојде „да се биде или не“, кога требаше на кантар да се извагаат ризиците и придобивките, јавно застанав на страна на Заев. И тогаш тврдев, а и денес сум убеден, дека дури и тие што најбрутално ја критикуваа таа промена, денес не го обвинуваат премиерот за таа жртва. Поточно, многу повеќе го обвинуваат за други лаги и недоследности, одошто за тој пресврт.

Би се осмелил истото да го кажам и за ситуацијата после неславната „битка за датумот“. Знам, на Заев денес му е тешко да ги поднесе соочувањата со сите лажни ветувања што ги добил од европските политичари и бирократи и што ни ги пренесуваше често како сопствени, како сопствена оптимистичка визија или дури и како некаква „одработена“ гаранција. Ние знаеме (ни беше најавено дури, од министерот Димитров) дека добиениот датум Заев ќе го злоупотребеше како главно оружје за итна пресметка со сите свои политички неистомисленици, во еден блиц-криг што беше испланиран за декември годинава. Па сепак, нема дилеми дека за фијаското на самитот на ЕУ, луѓето во Македонија најмногу ги обвинуваат Макрон, лицемерните европски лидери и до извесен степен пропагандата на Заев, поради ширењето неоснован оптимизам.

Еве, го прифаќам и алибито на Заев за напуштањето на политиката на прогресивен данок, објаснувањето дека на тој концепт, едноставно, не му е дојдено времето. Грдо е тоа што лидерот на СДСМ мораше да жртвува битен постулат на идеологијата на својата партија, без за тоа да ги праша Конгресот или барем Централниот одбор. Уште погрдо е што мораше да жртвува еден вреден човек (Тевдовски), злоупотребен за промоцијата на политиката што му донесе многу поени од популистички заблудената маса, која поверува дека владата на СДСМ ќе води „робинхудовска“ даночна политика. Но, што да се прави, многу често домашниот есап не излегува на пазар. Се сеќавам, тогаш кога помпезно беше најавено напуштањето на рамниот данок, се обидов јавно да објаснам зошто токму рамниот данок (евентуално зголемен за процент или два, ако веќе е толку важно да се дополни државната каса) повеќе собира пари од богатите отколку од сиромашните.

Нејсе, тоа е тоа. Сега знаеме дека единствената константа во политиките и во јавните настапи на Зоран Заев е дека тој постојано ги менува ставовите. И тоа го прави без чувство на вина. Реков веќе, само по себе тоа не е трагично. Но, погледнете го списокот на промени во ставовите на Заев што го посочив, а тој список може сериозно да се дополни. Не зборуваме за политичка козметика, туку за клучните политички проекти и потези на владата на СДСМ во овие три години.

Целата колумна на Героски може да ја прочитате ТУКА

Коронавирус