среда, 23. октомври 2019. Вести денес: 77
home Вести

Героски: „Другарчиња пилоти, толку ви сече!“

Героски: „Другарчиња пилоти, толку ви сече!“

Драги мои другарчиња, ете пак морам да ви кажам некои нешта што нема да ви се допаднат. Не ми е лесно, ама кој ми верува? И повеќе нема да ви ги објаснувам моите мотиви. Богами, јок! Вие, како што читам и слушам, веќе сте си се убедиле дека моите намери се непријателски и затоа нема да се разубедуваме. Ваш проблем. Толку ви сече…, ова во својата најнова колумна го пишува Бранко Героски за ПлусИнфо.

Гледам, вам ви е потребна цела една раскошна кампања, за да ги убедите луѓето дека се позадоволни одошто се, дека живеат подобро и поспокојно од порано и дека под ваше водство, сите ние заедно сме биле на прав пат. И веднаш сфаќам дека нема смисла да ве убедувам дека кампањата ви е тотално промашена, бидејќи вие тоа, едноставно, не можете да го видите. Зошто? Затоа што толку ви сече…

Сте ангажиралe буљук партиски апаратчици и пиарчии, плус дузина „ведети“, дрвени филозофи и принцеви на говорот на омраза, со поддршка на старите проверени и сега добро платени плукачи од парамедиумите, со задача да ја уверуваат јавноста дека аферите и скандалите што ве тресат секојдневно не значеле ништо, дека датумот за преговори за членство во ЕУ и финалниот прием во НАТО ќе ги покријат сите ваши глупости, дека вашата политичка конкуренција ионака ќе умре, дека вашите критичари (меѓу кои сум и јас) ќе се повлечат под притисокот на секојдневните атаци, клевети навреди, пред таа вербална агресија што се истура врз нас, во ваше име и за ваша сметка. А вие си верувате во тие будалштини и не сфаќате дека скапо ќе платите за тие зла. Но и тоа е ваш проблем. Толку ви сече…

Јас немам потреба да се мачам да ви објасувам каде и колку грешите. Ако се сака, тоа може лесно да се сфати. Просто е. За тоа не е потребна вербална еквилибристика, никакви цитати насобрани од ваму или таму (цитатоманите ви се најсмешни), никакви посебни мудрувања. Јас дури немам потреба да се спротивставувам и на вашата клучна теза дека сте биле на прав пат. Вие ионака не можете да истрпите да ви се каже дека сте имено на крив пат. Оти толку ви сече…
Се надевам дека има барем некој разумен меѓу вас, тристоте пилоти во тој ваш смешен авион што излгледа како беспилотно летало залутано во олимписките височини, меѓу вас што летате високо над суровата реалност долу на земјата, што ќе ја запознаете дури откако ќе атерирате. Ете тој разумниот можеби ќе се сети на еден ноторен факт од 2005 година, на кој не смее да се заборави. Тогаш, под водство на Владо Бучковски, вие исто така бевте на прав пат. Поправ беше немало пред тоа. И долго време потоа немаше. Тогаш Македонија стана земја кандидат за членство во ЕУ. Па сепак, веќе следната 2006 година, народот сурово ве казни, драги мои другарчиња, а опозицијата буквално ве прагази, како шлепер жаба. По што ви беше потребна цела деценија за пак да дојдете на власт. И вие и денес не сфаќате што ви се случи тогаш. А како би сфатиле, кога толку ви сече?

Целата колумна прочитајте ја на ПлусИнфо или ТУКА.