понеделник, 18. октомври 2021. Вести денес: 5
home Вести

Германските крим-техничари влегоа да извршат увид во опожарената модуларна болница во Тетово

Германските крим-техничари влегоа да извршат увид во опожарената модуларна болница во Тетово

Германските крим техничари влегоа во опожарената модуларна болница во Тетово. Во скафандери и со специјализирана апратура го почнаа увидот заедно со македонскиот тим на истражители.

Екипите од рано утринава се на терен и ги собираат доказите од модуларната болница, кои потоа ќе се вештачат во лабораториите во Германија.

Резултатите од вештачењата и анализите ќе бидат доставени до јавното обвинителство во Тетово. Од обвинителството пак засега не соопштуваат детали како ќе се води истрагата и кои методи ќе бидат употребени за да се утврди причината за пожарот. Нема информации ниту колку време ќе останат германските експерти во земјава. Опожарената болница и натаму е под силно полициско обезбедување, а забрането е и доближување до местото на несреќата.

Тимот германски експерти се состои од двајца крим техничари за истражување на пожари и двајца за ласерско мерење на простории. Тие ќе работат заедно со крим техничарите на МВР, а како поддршка на Обвинителството во утврдувањето на причините за пожарот.

Во меѓувреме осум од дванаесетте пациенти кои беа повредени во пожарот се пуштени на домашно лекување. Четворица се се уште хоспитализирани, но се во стабилна здравствена состојба, а лекарите се надеваат дека наскоро и тие ќе излезат од болница.

„Имаме четири хоспитализирани од пациентите кои што ја преживеаја таа кобна вечер, сите се во стабилна состојба, медицинскиот персонал се грижи за нив и се надеваме дека за неколку дена ќе бидат пуштени дома.“ – вели д-р Миранда Пајазити – Ковид Центар Тетово.

Пожарот во модуларната болница во Тетово избувна на 8-ми септември. Четиринаесет лица, од кои најголем дел пациенти кои се лекуваа од КОВИД загинаа, а 12 беа повредени.

Локални избори 2021