среда, 25. ноември 2020. Вести денес: 1
home Вести

Гајдов тврди дека Фрчкоски е вмешан во атентатот на Глигоров, Малески порачува дека работата е пресериозна за да се прави естрадно шоу

Гајдов тврди дека Фрчкоски е вмешан во атентатот на Глигоров, Малески порачува дека работата е пресериозна за да се прави естрадно шоу

„Истрагата за откривање на нарачателите и извршителите на атентатот врз поранешниот Претседател на Република Македонија, Киро Глигоров, е отворена од моментот на случување на настанот. Во рамките на тој предмет се прибираат и анализираат сите информации, кои би можеле да доведат до нови сознанија. Доколку има нови моменти во истрагата, јавноста ќе биде известена“.

Ваквиот одговор на јавното обвинителство е од денеска, иако неговата содржина е речиси идентична повеќе од 20 години. Пресинг Тв го доби за поставеното прашање дали обвинителството по допрен глас ќе поведе предистрага, откако новинарот Љубомир Гајдов го посочи професорот Љубомир Фрчкоски дека е замешан во атентатот на покојниот претседател Киро Глигоров.

Атентатот беше извршен на 3 октомври 1995 година во центарот на Скопје, пред хотелот „Бристол“.

Новинарот Гајдов беше еден од промоторите на најновата книга на поранешниот претседател на Собранието на РМ, Стојан Андов, насловена како „До атентатот и по него“, што беше промовирана во петокот. Неговиот настап, како и дел од промовираната содржина на книгата предизвикаа бура од реакции во јавноста, а посебно внимание привлече колумната на професорот Фрчкоски адресирана директно до авторот.

Гајдов за Пресинг Тв денеска изјави:

„Не знам зошто толку врева кога тоа што го кажав не го кажувам прв пат. Објавено е во 2002 и уште еднаш повторено во 2007 година“.

Во својот промотивен говор Гајдов спомена повеќе личности, а меѓу нив и поранешниот министер за надворешни работи, проф.Денко Малески, кој за време на атентатот беше македонски амбасадор во ООН.

Од оваа временска дистанца, во телефонскиот разговор проф.Малески се потсетува дека веднаш по атентатот му ѕвонеле од РТС за изјава и вели дека би било добро, ако има записи, да се потсети на неа. Добро се сеќава дека за настанот го информирал и Генералното собрание на ОН.

Но, барајќи потврда на изјавата на Гајдов забележува дека таа е малку нејасна во смисла на тоа дали станува збор за една заедничка средба или за посебна поединечна, доверлива средба на Гајдов со претставник на ФБИ.

„Да, Гајдов доаѓаше во амбасадата како дописник и имаше свои контакти. Лично, не сум присуствувал, ниту сум бил запознат со тоа дека постоела таква средба со претставник на ФБИ и првпат го слушам тоа. Добро е што се споменуваат и други луѓе, кои исто така треба да се слушнат“, вели проф.Малески.

Воскреснувањето на прашањето за атентатот и, што е уште поважно, покажувањето со прст на конкретни личности, проф.Малески го толкува како можност општеството веќе да се чувствува слободно за да прими такви информации, да ги провери и максимално внимателно да ги испита за да се открие вистинскиот виновник за чинот, што предизвика национална траума.

„Работата е пресериозна за од неа да се прави некакво естрадно шоу“, дециден е проф.Малески.

Извор: ПресингТВ

Коронавирус