петок, 30. октомври 2020. Вести денес: 22
home Вести

Француската пратеничка Танги во посета на Македонија

Француската пратеничка Танги во посета на Македонија

Пратеничката во Националното собрание на Француската Република и член на „Републиката во движење (РЕМ)“, политичката партија на претседателот Емануел Макрон, Лилјана Танги, која е со македонско потекло, престојува во тридневна посета на Македонија, во рамки на која има средби со државниот врв.

Како што соопшти Француската амбасада, Танги која е потпретседателка на Комисијата за европски прашања, задолжена за Балканот и заменик-претседател на групата за парламентарна соработка помеѓу Франција и Македонија, ќе биде примена и ќе разговара со претседателот на државата Ѓорге Иванов, премиерот Зоран Заев, вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи, министерот за надворешни работи Никола Димитров, претседателот на Собранието Талат Џафери, претседателот на Комисијата за европски прашања Артан Груби и нејзините членови.

Таа ќе има средба и со членовите на Групата за парламентарна соработка помеѓу Франција и Македонија, со членовите на Делегацијата при Парламентарното собрание на Франкофонијата, со државниот секретар во МНР Виктор Димовски и со претседателот на Националниот совет за евроинтеграции Никола Попоски.

Француската пратеничка заедно со амбасадорот Кристијан Тимоние, ќе го посети Кочани каде што Јавното комунално претпријатие „Водовод – Кочани“ ќе ѝ додели благодарница на Француската влада за добиената финансиска и техничка помош во развојот на ова претпријатие.

Лилјана Танги е прва пратеничка во Францускиот парламент од македонско потекло. Во движењето на претсдеталот Макрон е од април 2016 година, а на 18 јуни е избрана за пратеничка од седмата изборна единица.

Коронавирус