четврток, 24. септември 2020. Вести денес: 0
home Вести

ФОТОГАЛЕРИЈА: Започна конгресот на ВМРО-ДПМНЕ

ФОТОГАЛЕРИЈА: Започна конгресот на ВМРО-ДПМНЕ

Во салата на Домот на културата во Валандово започна 16-тиот конгрес на ВМРО-ДПМНЕ.

ВМРО-ДПМНЕ денеска и утре го одржуваат 16-тиот вонреден партиски конгрес во Валандово. Од 17 часот до 19 часот се изврши регистрација на делегати. Во 19 часот започна Конгресот на ВМРО-ДПМНЕ.

Претседателката на Комисијата за верификација на мандатите на делегатите на 16 вонреден Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ, Светлана Јакимовска истакна дека на конгресот присутни се 411 од 544 делегати.

-Со ова констатирам дека е исполнет условот да работи Конгресот согласно статутот, истакна Јакимовска.

По ова беше усвоен Деловникот за работа на 16 Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ, а беше и избрано работното претседателство кое продолжи со работа на Конгресот согласно дневниот ред.

Претседател на работното претседателство е Коце Трајановски, а членови се Емил Димитриев, Ане Лашкоска, Елизабета Канческа-Милевска, Владимир Нелоски, Светлана Колариќ, Даниела Рангелова, Дијана Таранталовска, Александар Николоски, Алим Билали и Марио Цветковски.

Кандидатот за нов претседател на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски пред почетокот на работата на 16. Конгрес на партијата изјави дека очекува да се соберат потребниот број делегати.

– Искрено очекувам дека ќе дојдат потребниот број на делегати денес на првиот ден на работа на Конгресот и согласно статутот и во текот на утрешниот ден, рече Мицкоски, единствен кандидат на конгресот за лидерската позиција на ВМРО-ДПМНЕ.

Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање рече дека насоките врз кои ќе почива идната политика на ВМРО-ДПМНЕ доколку биде избран за претседател на партијата ќе ги образложи утре пред делегатите на 16 вонреден Конгрес.

За најавениот бојкот од страна на високи партиски функционери Мицкоски рече дека тоа се исклучителни луѓе, кои извршувале високи функции во партијата со одличен успех, кои имаат додадена вредност на партијата, и кои имаат потенцијал да помогнат на партиските политики.

– Во периодот што претстои не само што има подадена рака, туку и прегратката е отворена и за сите добронамерници и граѓани на кои политките на ВМРО-ДПМНЕ им се блиски да помогнат затоа што сведоци сме последниве седум месеци е период на закани, уцени на Владата предводена од СДСМ, а мене лично ме загрижува безидејноста во насоките каде оди државата, рече Мицкоски.

-Треба да имаме мирен и транспарентен конгрес, треба да се донесат мудри и рационални одлуки, истакна вечерва претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски пред почетокот на Конгресот.

-Потоа треба да се насочиме кон напредна и просперитетна Македонија, а предуслов за тоа е рушење од власт на нашиот политички опонент, СДСМ. Верувам дека работите ќе одат во добар правец, кусо изјави Груевски.

Она што ќе е најинтересно за јавноста ќе се случува утре кога треба да биде избран новиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Коронавирус