вторник, 19. ноември 2019. Вести денес: 57
home Вести

ФОТО: Протестот помасовен од очекуваното, освен плоштадот „Синтагма“, сите централни улици се преполни со народ

ФОТО: Протестот помасовен од очекуваното, освен плоштадот „Синтагма“, сите централни улици се преполни со народ

Ниту еден протест за антикризните мерки што речиси сите влади ги гласаа во Грција, а носеа кратења на плати и пензии, ниту еден протест во рамки на генералните штрајкови, ниту еден собир за финансиските проблеми на земјата, од почетокот на кризата и воведувањето на меморандумите од 2010 до денес, јавува дописникот на МИА од Атина, не успеа да собере толку многу Грци, колку што денеска излегоа на протестот за Македонија.

Илјадници граѓани, од цела Грција, но и од Атина, семејства со мали деца, пензионери, друштва од млади момчиња и девојки, свештени лица, речиси сите со грчки знамиња во рацете.

Грчките знамиња се продаваат на секој чекор 1, 2 или 5 евра во зависност од големината.

Проценките се дека масовноста ги надмина очекувањата. Освен плоштадот Синтагма, сите централни улици се преполни со народ. Движењето меѓу народот е тешко, нешто што не било случај на другите протести во Атина во изминатите години.

Дел од граѓаните што стигнале во центарот на Атина, но поради масовноста и преполните улици не успеаја да стигнат до плоштадот Синтагма, решија протестот и обраќањата да ги следат од околните кафулиња, кои пак подготвени за протестот, обезбедиле телевизори на кои во живо се следи протестот.

Паролите што ги извикуваат се веќе познати, се слушнаа и на протестот во Солун, порачуваат дека Македонија е грчка, додека пак според аналитичарите и новинарите во Грција, протестот, како што веќе анализираше МИА, добива и антивладин карактер.

„Ципрас и Каменос ја распродаваат Македонија, да се одржат сега избори“,  пишува на плакатот што го носат неколку млади Грци, додека пак „Македонија е грчка“ е најчестиот слоган на плакатите на Грците.

Грците со кои поразговара дописникот на МИА од Атина, велат дека се горди што денеска толку граѓани наместо на кафе или ручек излегле на улици за да го „одбранат името Македонија“.

– Ова е порака до Владата, нема право и не смее да преговара за името Македонија, вели за МИА една постара госпоѓа која заедно со нејзините пријателки дошле на Синтагма, опремени со грчки знамиња.

Во центарот на Атина, меѓу граѓаните се и поранешниот грчки премиер Андонис Самарас, пратеници од опозициската Нова демократија, префектот на областа Централна Македонија, како и лидерот на партијата Сојуз на централисти.