сабота, 16. јануари 2021. Вести денес: 21
home Вести

ФОТО: Италијански ловци со недозволени средства за лов ловеле прелетен дивеч во Миравци

ФОТО: Италијански ловци со недозволени средства за лов ловеле прелетен дивеч во Миравци

Утрово група совесни ловци од село Миравци, членови на ловното друштво „Орел“ Гевгелија, во близина на нивното село покрај реката Вардар, затекнаа група на италијански ловци како ловат прелетен дивеч, препелици, користејќи недозволени средства за лов.

Имено тие користеа електронски вабилки, еден вид магнетофони со снимено пеење на птици, за намамување на птиците.

Овие средства се забранети со Законот за ловство како средства за масовно уништување на дивечот, член 54 од Законот за ловство.

Да биде случајот потрагичен, италијанските ловци беа придружувани од официјални лица од ловното друштво „Орел“ Гевгелија. Исто така, освен прелетен дивеч дозволен за лов, ловците противзаконски отстрелувале и други мали птици како што е дроздот (гроздобер), мала птица слична на врабец, кој е заштитен со закон и има трајна забрана за негов острел.

Отстреланите мали дроздови беа отстрелани и фрлени! Ловците случајот го пријавија во државниот ловен инспекторат, известен беше инспекторот за ловство во Гевгелија, шумска и гранична полиција како и СВР Гевгелија од каде на терен беше испратена патрола и направен беше записник за случајот.

Ловците кои се обратија до нашата редакција упатија и благодарност до СВР Гевгелија за брзата интервенција и доприносот во спречувањето на противзаконското ловење.

-За овие незаконски активности ќе следи и соодветна пријава до надлежните институции. Групата ловци која интервенираше за спречување на недозволениот лов направи слики и видеа од местото на настанот. Дел од нив, неволно,поради графичката содржина ви ги презентираме овде, а дел веќе се предадени во полицијата и се доказен материјал. Во оваа прилика е соодветно мотото на кампањата „Не игнорирај! Реагирај!“ која се бори за подобра животна средина, стои во нивниот пост испратен до нашата редакција.

Коронавирус