среда, 25. ноември 2020. Вести денес: 72
home Вести

ФОТО ГАЛЕРИЈА: Ви го откриваме вистинското место на загинувањето на Питу Гули

ФОТО ГАЛЕРИЈА: Ви го откриваме вистинското место на загинувањето на Питу Гули

Оваа чешма е вистинското место на загинувањето на Питу Гули. Се наоѓа стотини метри под местото на кое се наоѓа споменикот и каде се одржуваат говорите. Ова е единствениот пат кој во тој време постоел и кој одел околу планината, а оттука можело да се тргне и кон Демир Хисар. Денес крушевчани го користат за да се снабдат со дрва за зима.

Загинувањето на Питу кај чешмата го наведува во својот опис на битката и Никола Киров Мајски.

Неколку децении подоцна, додека се уште имало живи сведоци на настаните од август 1903 година, на самата чешма е поставен крст со основа, на кој пишувало: „Тука загина Питу Гули 1903“.

Во годините по ослободувањето, крстот бил откорнат од чешмата на која што бил поставен, и фрлен во долот под нејзе, дол кој со годините крушевчани го претвориле во ѓубриште. Крстот го извадивме на патот пред десетина години, а некоја година подоцна се уште беше таму, со тоа што во меѓувреме некој го потрпел на едно од дрвјата.

Тука, на ова место, загинува и знаменесоцот од неговата чета.

Никола Киров Мајски ги запишал името на војводата и на 46 загинати и 4 ранети востаници, оставајќи го списокот отворен. Според Кочо Топузоски, крушевчанец, адвокат од Скопје, кој повеќе години упорно ги истражува настаните од 1903 година „точниот број на загинати на Мечкин Камен не се знае“ („Питу Гули, живот и потоа“, Скопје 2003). Уште помалку каде лежат коските на поголем дел од нив.

Следните три фотографии ги прикажуваат т.н. „Караѓоини нивје“, кои се наоѓаат некој километар после чешмата каде загинал Питу, а каде што според сеќавањата на Петар Дамчески, инаку крушевчанец кој живееше во Прилеп како пензионирано воено лице, мајка му и други жени од Крушево, закопале десетина четници загинати на 12 август 1903 г. Се смета дека тие се обидувале да се пробијат кон Демир Хисар. Нивните коски и денес се наоѓаат таму.

И последните две фотографии го покажуваат всушност вистинскиот Мечкин Камен. Тоа е оваа карпа која името го добила, како што кажуваат крушевчани кои пак тоа го слушале од своите постари, поради тоа што тука доаѓале мечките да се сокријат кога имало невреме.

Дарко Јаневски за Денешен.мк

Коронавирус