четврток, 28. октомври 2021. Вести денес: 57
home Вести

Фон дер Лајен денеска, Вархеји утре во посета на Скопје – МВР најави посебен сообраќаен режим

Фон дер Лајен денеска, Вархеји утре во посета на Скопје – МВР најави посебен сообраќаен режим

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен денеска ќе допатува во посета на Скопје. Таа ќе оствари средба со премиерот Зоран Заев.

Подоцна, Фон дер Лајен ќе се сретне и со претседателот Стево Пендаровски, а ќе присуствува и на вечерата што ќе ја приреди шефот на државата во присуство на претседателот на Собранието, Талат Џафери и други високи претставници.

Портпаролот на Европската комисија Ерик Мамер претходно изјави дека Фон дер Лајен во Скопје ќе разговара и за спорот со Бугарија, а по средбите со македонските државни домаќини ќе одржи прес-конференција на која ќе одговара на разни прашања.

– Претседателката оди во Западен Балкан да ја потврди посветеноста на ЕУ кон регионот, ова се партнери на ЕУ со кои имаме многу силни врски и посетата ќе биде можност да се разговара за овие односи, вклучувајќи и за односите со Бугарија,– рече Мамер.

Фон дер Лајен од денеска до 30 септември ќе ги посети сите шест земји од Западниот Балкан почнувајќи од Албанија и Северна Македонија. Посетата на регионот се случува една недела пред Самитот ЕУ-Западен Балкан, кој ќе се одржи на 6 октомври во Словенија, со лидерите од регионот. Од Европската Унија инсистираат дека овој самит нема да биде „самит за проширувањето“ туку можност да се разговара за односите на ЕУ и регионот.

Според најавите, веќе утре во Скопје ќе пристигне и еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји. Вархеји минатата недела беше во Бугарија каде разговараше за надминување на бугарската блокада за почеток на преговорите со Македонија во ЕУ.

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека во денеска и утре поради најавените посети Секторот за внатрешни работи Скопје ќе превземе мерки за посебен режим на сообраќајот по сообраќајниците на поширокото централно подрачје на град Скопје.

Секторот за внатрешни работи Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да се почитуваат наредбите кои ќе ги даваат униформираните полициски службеници.

Локални избори 2021