четврток, 3. декември 2020. Вести денес: 0
home Вести

„Философи или Гоедари”

„Философи или Гоедари”

Ќе звучам ли архаично ако го цитирам Цепенков? Тој запишал, за да не се заборави: “Мнозина философи има гоедари и мнозина гоедари станале философи”. И не случајно. Мислејќи на променливоста во животот, ја смислил оваа поговорка, сакајќи да не’ потсети дека времињата и луѓето се менуваат – некогаш на подобро, некогаш на полошо.

За жал, кај нас работите со молскавична брзина го пробија и дното.

Тргнувајќи од мислата да се стремиме да ги задржиме позитивните работи и да се унапредуваме во оние области кои што ни се неразвиени, се чини како да го растураме и тоа малку убаво што го имавме.

Наместо добрите примери да ги мотивираме да продолжат со ефикасната работа, чиниш ги правиме сите напори да ги затрупаме никулците на нечиј ентузијазам во овие бурни времиња. Бодриме лоши примери на луѓе и дела, кои што многу често резултираат со негативен исход.

Во моментов, многу актуелната политичка состојба во земјава, сите нас како активни и одговорни чинители во општеството не‘ тера да размислуваме: како стигнавме до оваа ситуација? Како дозволивме да царува неетичноста, нечесноста да е нормална, а потчинетоста поголема светост отколку независноста?
Сите се согласуваме во истото – Македонија стана земја во која е правило да победуваат валканите игри, неморалното искачување скалила кон врвот, коленичењето и свитканата кичма.

Во оваа конкуренција се борат образовани и такви кои што не можат да сврзат една сложена реченица; неискусните наспроти експертите, па затоа работните места се загарантирани за новокомпонирани полтрони на кои што најголемата експертиза им е во молењето да добијат некоја позиција.

И се‘ додека првите ни се лош пример, а вторите се глорифицирани во социјалното живеење, ќе немаме ниту здрава сегашност, а најмалку светла иднина.

Младите генерации треба да ги научиме што да задржат како вредност, а кое општествено прифатено однесување да го напуштат. Резот на дивото месо, или ќе го примениме како метода за остранување на лошото, или ќе пропаднеме со ваквото општествено делување. Од нас зависи дали ќе успееме да израснеме етички настроени индивидуалци и да изградиме општество во кое што ќе се почитуваме со сите вредности кои што ги имаме.

Оваа гнила политичка ситуација, која што им дава неограничени права на неодговорни индивидуалци мора да се промени и на сцена да стапат образовани луѓе во кои што тече неизвалкана мисла и кои што се подготвени да чекорат храбро не само кон победи, туку и кон заздравување на гангренозното општествено ткиво. Отварајќи им можност на таквите, ќе направиме основа да се создаваат нови јавни политики, кои што ќе работат НЕ за зголемување на банкарското салдо на локални моќници, НЕ за молскавично збогатување на квазиполитичари, НЕ за унапредувања преку ноќ на мизерни полтрони, туку за подобрување на образованието и на економијата, а потоа и секоја друга област која што ќе донесе благосостојба на секој граѓанин на нашата држава.

За да завршам како што почнав, ќе кажам –не треба да жалиме по минатото и така да си ја заматувме сликата за иднината. Дадената можност на некои луѓе од „гоедари“ да станат „философи“, да ја напуштиме и истите да ги пратиме назад, таму од каде што дојдоа.

Вишна Шорова- Ангелова

Коронавирус