петок, 14. мај 2021. Вести денес: 100
home Вести

Филипче не чувствува одговорност за доцнењето на вакцините: Направивме сè за да обезбедиме

Филипче не чувствува одговорност за доцнењето на вакцините: Направивме сè за да обезбедиме

Министерот за здравство Венко Филипче не чувствува одговорност за доцнењето на вакцините затоа што од ноември интензивно се работи на нивна набавка и навремено било пристапено кон сите можни извори за да се обезбедат. Причината за доцнењето ја гледа во недоволното производство, големиот пласман во САД, со што се изјаловиле плановите од околу нова година кога и земјите од ЕУ не знаеле дека ќе немаат доволно вакцини за нивното население.

– Навремено пристапивме кон сите можни извори за да обезбедиме вакцини – подоцна од очекувањата профункционира Ковакс – во кој многу повеќе верувавме да биде брз и ефикасен, но така беше во сите земји во севтот. Ппотоа во нашите директни разговори од производителите – едноставно луѓето велеа дека не се заинтересирани за нас. „Фајзер“ е контактиран уште на почетокот на ноември, првпат ни дадоа позитивен сигнал на крајот на декември, имаа и специфични барања. Потоа сите други за кои чекавме да завршат клиничките испитувања… Механизмот на ЕУ не профункцонира зашто и самите европски земји не добија онолку вакцини колку што сметаа дека треба да добијат. Голем проблем е се уште со достапноста поради недоволно производство, било каде во светот, освен Србија која е исклучок. Ние направивме буквално се, сите механизми и сите обиди. Работевме интензивно, секојдневна комуникација сите овие месеци, рече Филипче во „Само интервју“ на ТВ Канал 5.

Оцени дека добро е поставен и функционира системот за вакцинација – постарите од 77 години примаат „Астра Зенека“ (пријавени на оваа возраст се околу 20 илјади), а граѓани од т.н. критична инфраструктура (околу 11 000-12 000) добиваат вакцина „Спутник“ и имунизацијата кај нив ќе заврши следната недела. Како ќе доаѓаат вакцини, рече Филипче, ќе се става акцент на постарите и ќе се намалува возрасната граница.

-Вакцинирањето нема да порекине, има за следните три недели со „Астра Зенека“. Распоредите се прават за следни недела-две, за пунктовите низ земјата и во спортската сала. Сега се вакцинираат 3000-4000 дневно. Нашиот план е помеѓу 7000 и 10 000 на ден – седум илјади е оптимална бројка, а 10 000 со максимална оптовареност на системот. Тоа би било добра динамика. Апелирам да се пријават сите на сајтот вакцинајија.мк, така системот ќе ги генерира приоритетите по возраст и, евентуално, со коморбидитети. Битно е да се вакцинираат меѓу 60 и 70 отсто од населението, за да се постигне колективен имунитет. Како ќе се зголемува достапноста на вакцините, ќе се зголемува и опфатот на граѓани што ќе бидат имунизирани, истакна Филипче.

Нагласи дека нема контраиндикација кај ниту една вакцина во однос на болести и сите се рзвиени на безбедни платформи. Само за „Астра Зенека“ бордот на ЕМА утврди поврзаност со тромботични ефекти кај помлади лица, веројатно, како што рече, поради хормоналната активност.

Филипче повика дека треба да се вакцинира секој, без разлика дали има или нема антитела, а тие што прележеле КОВИД-19, по три до четири месеци од болеста. Дали треба да примат една или две дози, рече, варира од вакцина до вакцина.

– Не се знае каква ќе биде иднината во однос на вакцината, дали ќе треба трета доза или ќе биде сезонска, но ова е единствен начин да се смени сликата на епидемијата. Аплелирам на масовна вакцинација, да престанат антикампањите зашто сериозно може да го нарушат процесот, додаде Филипче.

Овој месец се очекуваат и вакцините од директниот договор со „Фајзер“ и целата количина на вакцините „Синофарм“ од Кина односно 200 илјади во една пратка. Во однос на тврдењата на опозицијата за земање провизија преку фантомска фирма во нивната набавка, Филипче повтори дека се работи за лажни и сериозни обвинувања.

-Антикорупциска комисија нека ја заврши работата за обвинувањата и фабрикуваните вести. Не станува збор за никакви провизии, ништо нелегално. Документите со кои мавтаа се лажни. Ниту имало исплата, ниту релација со таква компанија. Жал ми е што покрај со пандемијата, се бориме и со лажни вести на опозицијата, рече Филипче. Појасни дека откако не добивале одговор од официјалното претставништво во Кина, ургирале преку овдешни кинески компании за да стапат во контакт со „Синофарм“, но МНР на Кина укажало дека преферираат официјални контакти што тие ќе ги препорачаат и затоа биле вратени парите од уплатата.

За фејсбук-преписката со претседателот Стево Пендаровски по масовното вакцинирање на македонски граѓани во Србија, министерот за здравство одговори дека реагирал на тој начин зашто било направено се за да се набават вакцините, искористени биле сите механизми и, сепак, рече, веќе бил почнат процесот на вакцинација со задравствените работници што работат со ковид-пациенти. Смета и дека различни мислења се добредојдени и тоа е здраво за демократко општество.

Коронавирус