вторник, 24. ноември 2020. Вести денес: 176
home Вести

Филипче: Го избравме идеалниот модел за справување со коронавирусот

Филипче: Го избравме идеалниот модел за справување со коронавирусот
ФОТО:СДК

Сите проекции на многу земји во светот укажуваат дека вирусот секако ќе остане и дека во случај да не се почитуваат мерките, во случај повторно да се повторат оние предуслови во кои може да се зголеми трансмисијата, па дури и од несвесните асимптоматски носители, може да имаме нови и нови случаи.

Ова денеска го изјави министерот за здравство Венко Филипче, одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа како тој ја коментира сингапурската студија дека вирусот Ковид-19 ќе исчезне до 16 јуни.

Тој посочи дека тие практично не се студии поради тоа што не се темелат на детални анализи, туку се само проценки како ќе се однесува вирусот.

– Во нашите дискусии со стручните лица, епидемиолози, инфектолози, практично многу тешко е да се верува дека вирусот може да исчезне, смета Филипче.

За процентот за факторот на трансмисија, министерот посочи дека тој е под единица на национално ниво, но чекаат уште неколку денови, го проценуваат добро бројот на пациенти, и сакаат повеќе денови да се осигураат дека ќе биде вака мал бројот на дијагностицирани пациенти за со сигурност да кажат дека епидемијата полека стивнува.

Министерот Филипче, одговарајќи на прашање дека претставници на СЗО ја посочиле Шведска како добар модел за справувањето со коронавирусот, истакна дека ние сме го избрале идеалниот модел за нашата земја и нашиот здравствен систем, и оти сега се гледаат резултатите од тоа, односно дека постепено се намалува бројот на дијагностицирани пациенти и бројот на тестови.

– Пристапот да се тестираат симптоматски пациенти, да се изолираат нивните контакти мислам дека даде резултат. Секоја земја избра свој автентичен систем, секоја земја има свои карактеристики на здравствениот систем. Во однос на препораките на СЗО што е тоа што сега како резултат доаѓа во Шведска. Смртноста во Шведска е многу поголема. Таа е некаде околу 12 проценти, ми се чини дека е во првите пет земји во светот според просекот на починати лица. И во таа смисла дискутабилно е дали може да се препорача како добар модел, посочи Филипче, додавајќи дека немање рестрикции со цел да се создаде имунитет според него е исклучително ризично да се препорача и направи. (МИА)

 

Коронавирус