петок, 18. септември 2020. Вести денес: 115
home Вести

Факултетите на УКИМ ќе објават ранг-листи на пријавени кандидати според успехот во средно образование

Факултетите на УКИМ ќе објават ранг-листи на пријавени кандидати според успехот во средно образование

Факултетите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“-Скопје денеска ќе објават прелиминарни ранг-листи со резултати од успехот од средно образование на кандидатите што се пријавија на првиот уписен рок за прва година во академската 2020/2021 година. Конечната ранг-листа треба да ја објават в понеделник,  7 септември, а  запишувањето на примените кандидати ќе биде на 10 и 11 септември.

Пријавувањето за упис на студии на Скопскиот универзитет се спроведе на 31 август и 1 септември.  Според  Конкурсот за прв циклус студии кој УКИМ го објави пред два месеца, на 23-те факултети во негов состав се слободни вкупно 10 798 места за идни студенти.

Од нив, 5300 места се за студии во редовната квота т.е. кои се финансираат од буџетот на државата, 4438 се за кофинансирање на студиите и 1060 слободни места има за вонредни студенти. Надоместот за студии за редовни студенти останува како и во изминатите години 200 евра во денарска противвредност, а за студентите со кофинансирање и за вонредни е 400 евра.

Поради пандемијата со КОВИД-19 оваа година, првпат од воведувањето во 2007  не се организираше државна матура. Матурантите добија диплома за завршено средно образование која ќе има важност на диплома за државна матура, училишна матура или завршен испит.

Според Конкурсот, вториот рок за пријавување кандидати за прва година во 2020/2021 на УКИМ ќе биде на 15 и 16 септември, а третиот  е на 28 септември на факултетите на кои ќе останат места.

Коронавирус