петок, 22. октомври 2021. Вести денес: 157
home Вести

Европа во „локдаун“ за новогодишни празници, Филипче со задоцнети мерки ќе ја „брани“ Македонија од КОВИД-19

Европа во „локдаун“ за новогодишни празници, Филипче со задоцнети мерки ќе ја „брани“ Македонија од КОВИД-19

Нови мерки во пресрет на новогодишните празници, колку ќе бидат ефикасни? Мерките што вчера ги предложи Комисијата за заразни болести и министерот за здравство Венко Филипче наидоа на лавина коментари од здруженија и од граѓаните.

Еден од предлозите ќе биде угостителските објекти да се затвораат во 18 часот, наместо до 21 часот како што беше досега. „Препораките за рестриктивни мерки се насочени во неколку сегменти, и тоа во делот на реорганизација на работното време на угостителите, препораки за јавни собири, препораки до верските заедници, до работните организации и препораки кои се однесуваат на работата на рестораните во хотелските објекти“, изјави министерот Венко Филипче.

Министерството за здравство информира дека останува во сила забраната за собири на јавни места и се апелира до единиците на локалната самоуправа да го засилат надзорот за почитување и спроведување на оваа мерка.

МЛАКИ МЕРКИ

Вчерашните предлог мерки во однос на верските празници, Комисијата за заразни болести укажува на тоа дека во сила е забраната за собири надвор на отворено на повеќе од четири лица, додека внатре во објектите во сила е препораката максималниот број на лица да е не повеќе од 30 проценти од капацитетот и сите лица да се со маски.

Предлог на Комисијата е да се забранат секакви прослави во рамките на работните организации. Комисијата за заразни болести исто така вчера препорача забрана за групирање по плоштади за дочек и прослава на Новата година, како и секаков вид на собири во периодот на празниците „Апелираме и препорачуваме да нема домашни собири за претстојните празници и да не се излегува од дома по 18 часот доколку за тоа нема потреба“, вели министерот за здравство Венко Филипче, во изјава за медиуми. „Ниту едно од нашите барања не беше разгледано и решението за намалување на работното време беше донесено предвреме и овој состанок со Комисијата беше фарса.

Од наша страна беше напоменато дека ниеден објект што ги почитува мерките не е извор на ширење на заразата. Прашавме дали има доказ дека се проширила заразата во некој угостителски објект, ни беше укажано дека такви резултати нема“, изјави Здравко Јосифовски до НУК. Доколку се ограничи работното време, тие бараат Владата да донесе мерки за дополнителна финансиска помош на угостителите.

ЛОКДАУН

Како што пренесуваат српските медиуми Србија ќе донесе одлука за влегување во државата само со ПСР тест. Оваа одлука, како што пишуваат српските медиуми е предизвикана од тоа што нема намалување на бројот на заразени, а претстојните празници ќе можат да „увезат“ голем број на лица кои позитивни би влегле во државата доколку нема строга контрола.

Исто така во Србија се разгледуваат нови мерки, надвор од оние кои се во сила сега, односно скратено работно време на угостителските објекти и нивно целосно затворање за време на викендите.

Германија влегува во карантин до 10 јануари, затворајќи ги продавниците и училиштата. Швајцарија информираше дека исто така размислува за целосен карантин, а најави и дека нема да ги отвори скијачките центри. Во

Франција полицискиот час ќе биде воведен од 20.00 часот во вторник, и нема да се однесува на Бадник, туку ќе се однесува на новогодишната ноќ затоа што на 31 декември се концентрираат сите состојки потребни за епидемиски скок.

Холандија е последната од европските земји кои одлучија да ги заострат мерките во пресрет на новогодишните и божиќните празници. За Божик, граѓаните смеат дневно да примаат најмногу тројца гости, а по можност треба да дојдат од околината. Повеќето цркви се затворени.

Во Австрија дозволено е собирање на поблиското семејство за божиќните празници, но не во поголем број од десет. Патувањата во внатрешноста на земјата е дозволено, но затоа Австрија воведува рестриктивни мерки на границите, затоа што се плашат од вирусот.

Полската влада воведе релативно строги правила за заклучување, училиштата се затворени, како и хотелите и баровите. Рестораните може само да доставуваат храна. Во продавниците одредено е време за пазарување на постарите.

Владата оваа фаза од борбата со пандемијата ја нарече „фаза на одговорност“.

Во Италија владата на премиерот Џузепе Конте значително ја ограничи слободата на движење за празниците.

Од 21 декември до 6 јануари Италијанците не смеат да го напуштат својот регион. Нема патувања, меѓу Тоскана и Ломбардија. А, оној што сака да се врати од странство мора да биде во карантин две недели.

Локални избори 2021